Страшни поплави низ Њујорк, во Њу Џерси прогласена вонредна состојба

Силни бури предизвикаа ненадејни поплави низ Њујорк и делови од североисточниот дел на САД, додека во Њу Џерси е прогласена вонредна состојба поради обилните врнежи од дожд и ризикот од поплави.

Предупредување за поплави беше на сила синоќа за сите пет општини на Њујорк, а градските власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат подруми и ниски подрачја, пишува Индепендент.

На социјалните мрежи се појавија бројни видеа на кои се гледаат поплавени станици на метрото во Њујорк, автомобили заглавени во вода и вода што се лее по скалите и пероните на метрото.

Гувернерот на Њу Џерси, Фил Марфи, прогласи вонредна состојба, повикувајќи ги жителите да останат во затворен простор и да избегнуваат патувања.

„Поради обилни врнежи од дожд и ризик од поплави, советуваме максимална претпазливост“, напиша Марфи на X.

Зачлени се на нашиот е-билтен