Во денешното соопштение до медиумите, судиите и Подружницата на Здружението на судии на Република Северна Македонија при Основен кривичен суд Скопје изразија длабоко жалење за загубениот млад живот на Фросина Кулакова, која трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа која ја потресе јавноста. Потоа, тие истакнаа дека, поттикнати од бурните реакции на јавноста, посебно по повод неправосилната пресуда за Васил Јованов за сосема различен случај, сметаат дека е неопходно да се обратат до јавноста во интерес на заштита на угледот на судиската функција, како и за демантирање на шпекулациите и лажните вести.
Во реакцијата на судиите се вели дека тие го поддржуваат барањето за системски промени кои се однесуваат на зголемување на безбедноста во сообраќајот. Овие промени се со цел за постигнување на безбедност на патиштата, што во извесна мера подразбира и измени на одредбите во Кривичниот законик, кои честопати „ограничуваат“ судиите во нивното постапување.
Судиите соопштија дека пресудата за Васил Јованов се однесува на кривичното дело за наркотици и дека таа пресуда се уште не е правосилна, туку е во фаза на одлучување пред Апелациониот суд Скопје. Притоа, судијата Даниела Алексовска-Стојановска ја донела пресудата согласно со Законските одредби, слободното судиско уверување и судската пракса.