Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува членовите на Судскиот совет да поднесат оставки. Ова е апел до моралот, рече денеска, зашто тие се избрани не за да бидат судски скандал мајстор, туку за да оневозможуваат какво било скандализирање на независната судска власт.
Според Сиљановска-Давкова, треба да има законски механизми што ќе овозможат регрутирање на најдобрите во ваквите тела, а не акцентот да се става на политизираноста и партизираноста.
Претседателката не верува во податоците со кои излегоа судиите, дека довербата на граѓаните во судството е 20 отсто, а, одговорајќи на новинарско прашање, укажа и на „македонскиот парадокс“, дека интерпелацијата во државава нема завршница.
-Јас одамна, можеби меѓу првите, заедно со коалицијата за правично судење, укажав на можноста од интерпелација. Точно е дека механизмот интерпелација во компаративното уставно право се однесува на одговорноста на министрите, но нашиот Устав го познава и за сите избрани и именувани функционери. Првиот чекор беше изгласувањето, неприфаќањето на Извештајот од Судскиот совет што е веќе еден чекор на делегитимирање на Судскиот совет. Вториот чекор е интерпелацијата. Ако по почетокот судиме за завршетокот, јасен е резултатот, бидејќи, ми се чини, 67 пратеници застанаа зад иницијативата, а мнозинството е 61. Значи, однапред се знае резултатот, истакна Сиљановска-Давкова.