„Support Kocani“ му порачува на Мицкоски: Етикетирањето на движењето како „политичко“ е непримерно, ќе продолжиме и понатаму со помошта

Граѓанската иницијатива „„Support Kocani“, која се формираше како поддршка за семејствата на настраданите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, остро реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена на прославата на младинската организација на ВМРО-ДПМНЕ во Велес. Од таму порачуваат дека етикетирањето на нивното движење како „политичко“ е непримерно и демотивирачко.

„Support Kocani не се препознава во коментарот на премиерот. Сигурно мисли за некое друго здружение“, стои во реакцијата објавена на социјалните мрежи. Тие додаваат дека не прифаќаат да бидат дел од политичка реторика и препукувања, бидејќи тоа го убива ентузијазмот на граѓаните кои се обединиле во духот на солидарноста.

Организацијата потсетува дека нивната работа е насочена исклучиво кон помош за жртвите и нивните семејства и дека ќе продолжат со активностите без оглед на политичките квалификации. „Ништо нема да ни застане на патот на солидарноста… најмалку тоа треба да биде државата или политичките чинители“, нагласуваат од „Support Kocani“.

Премиерот Мицкоски во својот говор во Велес изјави дека „едно граѓанско движење за поддршка на Кочани полека преминува во политичко“, обвинувајќи дека од почетна поддршка за жртвите, сега се говори за инфраструктурни проблеми и политички ветувања, што, според него, е „манипулација и фрлање прашина во очите на јавноста“.

Реакцијата на „Support Kocani“ доаѓа како предупредување дека солидарноста на граѓаните не треба да се девалвира преку политички квалификации, особено не во моменти кога заедницата е обединета во жалост и поддршка по една од најголемите трагедии што го погодија градот.

Зачлени се на нашиот е-билтен