СЗО предупредува: Намалената помош од САД може да го одложи искоренувањето на полиото

Искоренувањето на детската парализа како глобална здравствена закана би можело да се одложи во наредните години доколку американската администрација не ја промени својата одлука да ја намали американската помош од стотици милиони долари, предупреди денеска претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) Хамид Џафари.

Џафари, кој е директор на програмата за искоренување детска парализа на СЗО во регионот на источниот Медитеран, рече дека програмата ќе биде пократка од 133 милиони американски долари што се очекуваше да ги обезбедат Соединетите Држави оваа година.

Како што наведе, во регионот на источниот Медитеран полиото се шири особено во Авганистан и Пакистан. „Ако недостигот на финансии продолжи, тоа може да го одложи искоренувањето на оваа болест“, предупреди Џафари.

Тој додаде дека СЗО се обидува да најде начини да се справи со недостигот на средства, изразувајќи надеж дека САД ќе одлучат повторно да се вклучат во финансирањето на борбата против детска парализа.

СЗО за искоренување на оваа болест соработува УНИЦЕФ и Фондацијата Гејтс.

Планираното повлекување на САД од СЗО значи и крај на соработката со американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Минатата недела, помошта за УНИЦЕФ за превенција од полио беше прекината, откако Стејт департментот намали 90 отсто од грантовите на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) ширум светот во обид да ги намали федералните трошоци. УНИЦЕФ не ги коментираше овие наводи, додека фондацијата Гејтс изјави дека ниту една организација не може да ја пополни празнината што ја остави повлекувањето на американската помош.

Зачлени се на нашиот е-билтен