Талевски: Зошто луѓето од доверба на Мицкоски имаат соработка со подземјето?

Пратеникот на СДСМ, Миле Талевски, денеска на прес конференција рече дека Владата и ДПМНЕ се очигледно сериозно вмешани во криминал и дека лица од најголема доверба на премиерот во континуитет се во комуникација со подземните нарко кланови.

Талевски посочи дека има сериозни причини за да се постави прашањето: ‘Дали сме сведоци на целосна криминализација на ВМРО-ДПМНЕ и Владата предводена од Христијан Мицкоски’?

Според него следните факти се загрижувачки и алармантни.

„Ангел Самараков, човек од најтесното обезбедување на премиерот Мицкоски, е фатен како оддава доверливи информации на лица од скопската населба Грчец – средина добро позната по активностите на организираниот криминал. Самараков не е случаен „обезбедувач“ кој се нашол до премиерот. Тој е лојален партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Неговата сопруга е вработена во Општина Велес и беше кандидат за советник на локалните избори – исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Ова значи дека се работи за човек од најблискиот круг на доверба на Мицкоски“, вели Талевски.

Тој потенцира дека случајот Самараков не е изолиран.

„Пред само неколку месеци, шефот на обезбедувањето на премиерот, нападна полицаец кој бил на должност за време на акција за борба против дрога. Се обидел да ја спречи полицијата во претрес во скопски локал, случај за кој јавноста дозна само откако медиумите го обзнанија па не можеше да се крие. Два инцидента, двајца блиски луѓе до Мицкоски и два обиди од МВР да се прикрие скандалот. Два пати вистината излезе на виделина само благодарение на медиумски притисок“, вели Талевски.

Затоа СДСМ прашува:

-Зошто луѓето од доверба на премиерот имаат соработка со подземјето?

-Дали ова е случајна состојба или организирана шема?

-Дали веќе не зборуваме за Влада, туку за структура длабоко поврзана со криминални мрежи?

-И клучното прашање:

-Како обезбедувачот имал такви документи, кој му ги дал доверливите информации?

-Кој друг е вклучен во скандалот од МВР?

Талевски посочува дека само една година откако ВМРО-ДПМНЕ ја презеде власта, државата се соочува со бранот најсериозни криминални инциденти и улични пресметки во последната деценија.

И тоа не е случајно.

Денес прашуваме:

-Дали државата ја води Владата, или криминалното подземје преку луѓето на Мицкоски?

Според Талевски, ова не е политички напад туку аларм.

„Ако премиерот на една држава се опкружува со луѓе кои ја саботираат полицијата и им пренесуваат тајни на криминалци – тогаш прашањето е: кој навистина ја води државата“?

СДСМ бара итна и целосна истрага.

„Бараме политичка и институционална одговорност. И бараме граѓаните да знаат што се случува зад затворените врати на оваа власт. Ова не е борба за власт. Ова е борба за каква држава ќе бидеме – правна и безбедна, или заробена од мафијата“, вели Талевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен