Припадник на владејачките талибанци во Авганистан отвори оган врз база на Обединетите нации во Кабул, при што полесно рани еден чувар, а подоцна беше пронајден мртов, соопшти денеска мисијата на ОН во земјата.
Вооружен маж вчера пукал во стражарско место на ОН, а припадниците на обезбедувањето не возвратиле. Чуварот, кој се здобил со полесни повреди, бил згрижен во болница, соопштија Обединетите нации.
Талибанскиот борец подоцна беше пронајден мртов на локација надвор од базата на ОН. Во соопштението на ОН не е појаснето како загинал борецот.
Обединетите нации и талибанците водат одделни истраги за инцидентот.
Авганистанското Министерство за внатрешни работи денеска соопшти дека до инцидентот дошло поради недоразбирање, без да прецизира што значи тоа.