Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека го прочитал извештајот во врска со седуммесечното бебе кое почина на Детската клиника во Скопје, и во него е констатирано дека нема лекарска грешка.
„Нема одговорност од докторите. Извештајот пристигна, јас го прочитав уште во понеделник, ако не се лажам. За среќа, професионалците констатираа дека докторите немаат никаква грешка. Можеби болеста си го направила своето, можеби подоцна е донесено детето меѓутоа констатирано е дека нема лекарска грешка“, рече министерот Таравари.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат забележа пропусти и укажа дека Клиниката била должна да издаде писмено образложение за одбивањето на приемот на болничко лекување кога не бил направен прием на бебето, а констатира и дека не е решен проблемот со присуство на специјалист во дежурната амбуланта за што најави прекршочна постапка. ДСЗИ откако ги констатира неправилностите му предложи на министерот да формира стручна комисија во чија надлежност е да утврди дали лекарите направиле грешка при лекувањето на бебето.
Седуммесечно бебе починало на 16 декември на интензивна нега на Детската клиника во Скопје.