Агресивниот и понижувачки однос на американскиот претседател Трамп кон Зеленски пред камерите само ја надоплонува сликата за „новото нормално“ (како што македонскиот премиер Мицкоски ја нарекува стварноста) што во дипломатските и геостратешки односи ќе го гледаме во иднина од страна на САД кон сите останати политичари, државници и премиери со кои тие ќе имаат било какви релации-а тоа ќе биде однос на диктатор и негови потчинети.
Скандалозното однесување на Трамп засега го подржаа само некои републиканци и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Во САД осуда стигна од демократите кои беа засрамени од непримереното однесување на Трамп.
Но водечките лидери во Европа веднаш застанаа на страната на Зеленски и изразија подршка дека нема да биде сам. Тие стравуваат дека Трамп и САД ја оставаат не само Украина, туку и Европа на милост и немилост на Русија и се спротивставија на зголеменото усогласување на Вашингтон со рускиот диктатор Владимир Путин и понижувањето на Зеленски од страна на Трамп.
И тоа на некој начин е пресвртница во повоениот западен сојуз меѓу Европа и Соединетите Американски Држави. Оттаму и реакцијата на шефицата за надворешна политика на Европската унија Каја Калас која веднаш по кавгата во Вашингтон рече:
„Денес стана јасно дека на слободниот свет му треба нов лидер. Од нас, Европејците, зависи да го прифатиме овој предизвик“.
„Постои агресор, Русија и народ кој претрпе агресија, а тоа е Украина“, рече францускиот претседател Емануел Макрон, „Треба да ги почитувате оние кои се борат од самиот почеток, бидејќи тие се борат за нивното достоинство, нивната независност, за нивните деца и за безбедноста на Европа.
Идниот канцелар на Германија, Фридрих Мерц, упати сличен твит директно до „Драгиот Володимир“ во кој вети дека ќе застане со Украина „во добри и во тест времиња“.
Полскиот премиер Доналд Туск му испрати порака на Зеленски инсистирајќи „Драги украински пријатели, вие не сте сами“, додека кабинетот на шведскиот премиер порача: „Вие не се борите само за својата слобода, туку и за цела Европа“.
Чешка, Шпанија, Летонија и Литванија испратија слични пораки за поддршка.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Твитер напиша: „Бидете силни, бидете храбри, бидете бестрашни. Никогаш не си сам, драг претседател@ZelenskyyUa“.
Белгискиот премиер Барт Де Вевер истакна дека неговата земја стои зад Украина, велејќи дека „нивната борба е наша борба“, додека холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп подвлече дека поддршката за Украина ќе обезбеди „што и да е потребно, онолку долго колку што е потребно“.
Воздржана во подршката остана Џорџија Мелони, близок сојузник на Трамп. Таа ги повика Европејците да не дозволат да се отворат длабоки поделби со Вашингтон и рече дека Рим, во следните часови, ќе повика на ЕУ-САД. самит за да ја врати дипломатијата на вистинскиот пат.
„Она што е потребно е итен самит меѓу Соединетите држави, европските држави и сојузниците за да разговараме искрено за тоа како имаме намера да се справиме со големите предизвици на денешницата, почнувајќи од Украина, која заедно ја браневме во последните години“, рече таа.
Но се чини најсилна порака упати поранешниот француски претседател Франсоа Оланд кој во интервју изјави дека владата на Соединетите држави под претседателот Доналд Трамп „повеќе не е сојузник“!
„Трамп повеќе не е сојузник, тој се здружува со нашите противници, дури и ако американскиот народ остане наш пријател, самата администрација на Трамп повеќе не е наш сојузник“.
Но што значат зборовите на подршка во реалниот свет на војна која ниту за момент додека се преговара не застана. Дали ЕУ ќе има доволно сила да ја подржи Украина во борбата со Русија и воено но и економски? И Дали продолжувањето на војната ќе и овозможи на Украина победа, и што би значека таа победа на терен?
Оттаму и дилемата што и преостанува на Украина како решение, да прифати било каков мир кој во суштина би бил неправеден затоа што би значел помирување со сите територијални, материјални и човечки загуби во изминативе три години. За некои Украинци тоа можеби ќе биде предавство, а за некои можност за враќање дома.
Втората опција е да продолжи да се бори до недоглед за што нема гаранции од САД под раководство на Трамп ниту пак од Европа која и самата допрва треба да се реорганизира и воено но и стратешки и внатре во Унијата и кон САД.
А ако Трамп сака да ја запре војната можеше на Зеленски да му го повтори ставот дека НАТО не ја сака Украина во своите редови и тоа да му го каже на без викање и пред камери, како што изјави само неколку дена пред ианугурацијата оваа година дека проширувањето на НАТО кон исток предизвика руска агресија.
Со тоа Трамп би ја ампутирал веднаш прочината за војна во која влегоа Путин и Зеленски. Имено да не забораваме дека Зеленски подолго време наназад експлицитно бараше Украина да влезе во Алијансата и беше отворено подржувана од тогашната админисрација на САД и на Ген секот на НАТО, што Путин го сфати како загрозување на безбедноста на Русија.
Зеленски очигледно сè уште живее по инерција на претходната администрација на Џо Бајден и бара безбедносни гаранции од САД кои Трамп и соработниците го сфаќаат како диретно инволвирање во војната и провокација за трета светска војна. Што пак не е далеку од вистината. Но освен инсистирањето на Договор за минерлани суровини, од САД нема друга конкретна понуда што би значела мир во Украина.
Ако САД и НАТО сега немаат интерес на натамошно ширење, тогаш ниту Русија нема причина за згриженост по нејзината безбедност на границите од трупање американско оружје и бази.
Но во таков случај Рвропа е таа што нема доверба кон Путин, без разлика што вели републиканскиот сенатор Марквејн Малин дека Русија нема капацитет да нападне земја на НАТО надвор од Украина.
Можеби не сега, но подоцна – да. Тоа е најголемиот страв на Европа, особено за земјите лоцирани во близина на Русија, како балтичките и нордиските држави и Полска.
Растечката дивергенција меѓу САД и Европа е проблем на сите европски шефови за одбрана и разузнавање. И нивната вознемиреност расте секој пат кога американскиот претседател и неговите помошници ја намалуваат руската закана.
Надворешната разузнавачка служба на Естонија веќе предупреди дека Русија ги проширува своите вооружени сили на начин што „се подготвува за потенцијална идна војна со НАТО“. Данските разузнавачи прогнозираат дека Русија би можела да биде подготвена да води „војна од големи размери“ во Европа во рок од пет години.
Шведска е исто така вознемирена. Во Стокхолм не се сомневаат дека штом ќе заврши војната во Украина, Русија ќе го обнови своето воено присуство во близина на Шведска.
Засега само Трамп најмногу му верува на Путин. Тој се потсмева на ваквите стравови на Европејците и на ставот дека на Путин не може да му се верува за време на преговорите:
„Го познавам многу добро. Да, мислам дека сака мир. Мислам дека ќе ми кажеше ако не… Му верувам на оваа тема“, им рече Трамп на новинарите минатата недела.
Но, за повеќето Европејци, мирот не е нешто високо на агендата на Путин.
Суровото прашање е дали кога шефицата на ЕУ Фон дер Лајен вели дека битката за Украина е и битка за Европа значи дека Зеленски треба да се бори се додека Европа не зајакне воено и дали како заслуга на тоа ќе добие „само“ членство во ЕУ?
А безбедносни гаранции од кого да бара Украина?