Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, за препораките од Фискалниот совет и Светска банка за зголемување на старосната граница за пензионирање, посочува дека согласно реорганизацијата на институциите, надлежноста на трудот доаѓа кај Министерство за економија и труд, но надлежностите за пензиите се на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
„Јас на прашањето, како член на Владата би го повторил ставот на премиерот дека не е предвидено зголемување на старосната граница за пензионирање. Но, да ве известам дека, како што знам, се прават анализи за реформа на пензискиот систем“, изјави Дурмиши.
Прашан дали е можно да се исполни барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 450 евра, Дурмиши вели дека синдикатите бараат да се зголеми минималната, но од друга страна ги имаме и работодавците кои се против зголемување на секоја вредност на минималната плата додека не се зголеми продуктивноста.
„Ние како Влада сме го отвориле како тема во рамки на Економско-социјалниот совет и сме оставиле тие да се усогласат. Како што се усогласени за Законот и правилата како да се зголемува минималната плата во март секоја година, пак ќе ги оставиме да се усогласат. Секоја одлука која ќе ја донесат работодавците и синдикатите, ние им стоиме на располагање и ќе ги поддржиме. Треба да се видат сите засегнати страни, треба да се видат и работодавците, на крај на краиштата тие се оние што ги отвораат работните места. Тие имаат барање да се зголеми прво продуктивноста, а потоа да се зголеми минималната плата. Во предлог-буџетот за 2025 година има предвидено средства да се зголеми минималната плата. На крајот на месец февруари, кога ќе ги земеме крајните податоци ќе ги направиме анализите и ќе видиме колку ќе дојде тоа зголемување на минималната плата. Според податоците што ги имаме досега, до 11 месеци, минималната плата ќе биде околу 24.400 денари“, изјави Дурмиши, за Радио слободна Европа.