Тошковски: Дрон не смее да лета над толпа

Законите мора да ги почитуваме сите и дронови не смее да летаат над толпа, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на новинарското прашање за реакциите во јавноста за издадената забрана за летање на беспилотни летала кои снимале вчера во Кочани.

Дали таквата забрана ќе трае и за кои области ќе се однесува, Тошковски посочи дека во тек се проценки каде ќе има забрана за летање на леталата. За реакциите на јавноста и по социјалните мрежи, тој потврди дека имало негативни коментари во врска со постапувањето на МВР.

„Еднаш треба да почнеме да ги почитуваме законите. Ако постои правило дека летање на дрон треба да се пријави до надлежен орган, тогаш тоа треба да се направи. Ако има европска легислатива, дека дрон не смее да лета над толпа, тогаш тој не смее да лета над топла. Или ќе ги почитуваме законите за секое дејствие за кое се пропишани или ќе ни се случуваат катастрофи“, рече Тошковски на прес-конференцијата која се одржа пред седиштето на МВР.

Тој напомена дека МВР е должно секогаш да се однесува со почит кон секој новинар, особено кон новинарите кои се на терен и ги пренесуваат информациите до граѓаните.

„Вие си ја вршите вашата работа во насока на објективно информирање на јавноста и генерално тоа го правите одлично. Затоа ве охрабрувам во таа насока, но ве замолувам сите да ги почитуваме законите“, рече Тошковски. 

Зачлени се на нашиот е-билтен