Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на вечерашната прес конференција, по состанокот на Кризниот штаб во Владата, денешниот ден го оцени како ‘тежок ден’, бидејќи во државата гореле 20 пожари, со кои се справувала армијата, полицијата, припадници на ЦУК но и граѓани кои помагале во гаснењето на пожарите.
Една од причините за распламтување на пожарите, рече Тошковски биле неповолните временски услови, односно силниот ветер, но за дел од пожарите, тој посочи дека МВР има основи на сознанија дека ‘истите се подметнати од страна на човечки фактор, бидејќи е симптоматично што се случуваа во близина на инфраструктурни објекти, патишта, приватни објекти’.
„Можно е да се работи и за поинакво срценарио од она на ‘случајност’. Институциите работат на терен и се надевам дека ќе бидат расветлени. Едно лице кое вчера со умисла палеше пожар, беше пронајдено од полицијата и пренесено кај јавен обвинител. Му беше изречена мерка од кривичниот законик. За пожарот во Визбегово приведени се сопствениците и по наредба на јавен обвинител ќе бидат изнесени пред судија“, рече Тошковски.
Тој ја информираше јавноста дека под контрола се ставени пожарите кај Дојран, Николиќ, Крива Паланка, Орман, Волково Самоков и Визбегово.
„Денес е активиран и механизмот за европска помош за справување со пожарите и максимално се ставаат сите капацитети од државата за гаснење на пожарите. Од Грција се дадени два канадери кои ќе бидат ствени во функција и два пешадиски тимови преку ЕУ механизмот. Мобилизирани се сите владини институции. На терен има 300 војници од кои 150 војници активно се вклучени во гаснењето на пожарите, како и 400 полициски службеници. Добро е што ги засиливме капацитетите во вакви сиутации но, мора да се разбере и обемот на огнената стихија со која се соочува државата, но и регионот“, рече Тошковски.
Тошковски информираше дека со активирање на ЕУ механизмот соодветно ќе се одговори на сите предизвици и ќе се надмине огнена стихија, за која како што рече ‘ја нападна државата’.
На новинарско прашање да објасни што точно министерот за внатрешни работи мислеше кога рече дека „можно е за пожарите да има и поинакво сценарио“, Тошковски меѓу другото изјави:
„Во овој момент не можам да откривам детали од постапката, но ќе пренесам дел од информациите кои се многу симптоматични, бидејќи како се неутрализираше еден пожар, набрзо започнуваше втор, по неговата неутрализација – почнуваше трет. Истите тие пожари се поврзани со одредена клучна инфраструктура во државата. И тоа, како се сомневме дека станува збор за одредено сценарио кое се сака да се постигне во Македонија но, спремени сме да се носиме со предизвиците. Сите оние кои ќе се дрзнат да го доведат во знак прашање животот на македонските граѓани ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Тоа го направивме во текот на вчерашниот ден, тоа го направивме и во текот на денешниот ден“, рече Тошковски.
Тошковски рече дека вчера во Чучер-Сандево, биле најдени запалени гуми.