Трајко Славески е новиот гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија

Неколку минути пред полноќ, во Собранеито на РСМ, Трајко Славески е именуван за гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија.

За Славески 68 пратеници гласаа „за“, а 16 беа против. 

Во рамки на општата расправа и низа реплики и контрареплики пратениците изнесоа различни ставови при што пратениците од власта се фокусираа на неговата стручност и компетентност, додека, опозицијата на политичката припадност на Славески и визијата за независноста на институцијата.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, го пофали Славески како „визионерски пионер на мерки кои што давале резултати“.

– Треба да бидат земени предвид и неговата економска и неговата општествена активност. Тој е визионерски пионер на мерки кои што давале резултати. Сакаме да разговараме од аспект на неговата стручност, сите други теми се неважни, рече Стојановски.

Според координаторот на пратеничката група на Движење ЗНАМ – За наша Македонија, пратеникот Бобан Карапејовски, ако Славески е добар стручњак, а тоа го покажуваат неговите професионални компетенции, мислам дека, нагласи, од тоа како приватно се чувствува или дали е припадник на политичка партија не треба да биде клучно.

– Најголемата иронија во сето ова е што за унивезитетски професор по економија и за функција во Народна банка зборуваат еден социолог и еден лингвист. Да им оставиме на стручњаците, а тоа најдобро се гледа од профеисоналната кариера од Славески, рече меѓу другото Карапејовски.

Елми Азири, пратеник од Алијанса за Албанците изрази сомнеж во неговата соодветност за функцијата, велејќи дека „фактот што професор Славески над 25 години има политички функции нѐ става во дилема за зачувување на централната власт“.

За координаторот на пратеничката група на СДСМ, пратеникот Оливер Спасовски, Славески со искуството што е потребно, како критериум се исполнува, со оглед на возраста и академската кариера и сите функциии што ги имал, но не ги исполнува критериумите за висок морален кредибилитет и дигнитет, подготвеност за отчетност и за јавна комуникација со граѓаните и со институциите. Според него, Славески, како што рече, знае секогаш да стои на страната на крупниот капитал наспроти работниците. Пратеникот Спасовски се изјасни дека ќе гласа против. 

Во дебатата се вклучи и пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој нагласи дека критериумите не произлегуваат од компетентноста, туку може да се поврзани со одредени политички фактори.

Тој посочи дека во контекст на носење одлука за гувернер треба да се разгледаат сите аспекти за да се осигура дека Народната банка ќе продолжи да функционира како независна институција. 

Зачлени се на нашиот е-билтен