Американскиот претседател Доналд Трамп по средбата со британскиот премиер Кир Стармер во Белата куќа изјави дека прекинот на огнот во војната меѓу Русија и Украина ќе ги постави темелите за „долгорочен мировен договор“.
Трамп рече дека тој и Стармер разговарале за чекорите за постигнување прекин на огнот во Украина. „Како што разговарав со премиерот Стармер, следниот чекор што ќе го направиме е (чекор) кон многу остварлив прекин на огнот. Се надеваме дека тоа ќе се случи брзо“, рече Трамп на прес-конференцијата што ја одржа со британскиот премиер.
Тој рече дека преземаат „пристап базиран на здрав разум“ за ставање крај на војната, што значи дека двете страни треба да разговараат. „Тоа ќе ги постави темелите за долгорочен мировен договор кој ќе ја врати стабилноста во Источна Европа и се надеваме дека таква страшна војна никогаш повеќе нема да се случи на европско тло или на кое било друго место“, рече Трамп.
Во однос на договорот за минерали што САД ќе го потпишат во Белата куќа со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Трамп истакна дека тоа ќе „обезбеди основа за поодржливи идни односи“ меѓу САД и Украина.
Трамп изјави дека ја поддржува клаузулата од член 5 на НАТО, која ги обврзува членките на алијансата да се бранат меѓусебно. Запрашан за клаузулата во контекст на тоа дали европските мировници ќе завршат во Украина како дел од мировните сили по прекинот на огнот, тој рече дека го поддржува тоа.
„Го поддржувам тоа. Мислам дека нема да имаме никаква причина за тоа, мислам дека ќе имаме многу успешен мир и дека тоа ќе биде долготраен мир кој ќе се случи, се надевам брзо“, нагласи Трамп.
Како што додаде, ако тоа не се случи брзо, можеби нема да се случи воопшто.