Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека верува оти Соединетите држави постигнуваат напредок во нивните разговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, но одби да даде детали за каква било комуникација што ја имал со рускиот претседател Владимир Путин.
Зборувајќи со новинарите во Ер Форс 1, Трамп посочи дека двајцата биле во контакт.
Запрашан дали имал разговор со Путин откако тој стана претседател на 20 јануари или порано, Трамп рече: „Iмав. Ајде само да речеме дека го имав…И очекувам да имам уште многу разговори. Мораме да постигнеме таа војна да заврши“.
„Ако веќе разговараме, не сакам да ви кажам за конверзацијата што ја имавме“, рече Трамп. „Верувам дека напредуваме. Сакаме да ја запреме украинско-руската војна“.
Претседателот рече дека САД се во контакт со Русија и Украина. „Разговараме со двете страни“, рече тој.
Трамп вети дека ќе стави крај на војната, но сè уште не изнесе јавно како ќе го стори тоа.
Во петочното интервју за Њујорк Пост, Трамп рече дека „подобро да не каже“ колку пати тој и Путин разговарале и не откри кога се случил последниот разговор.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за државната новинска агенција ТАСС дека „се појавуваат многу различни комуникации“.
„Јас лично можеби не знам нешто, за нешто не сум свесен“, рече Песков на прашањето на ТАСС да даде коментар. „Затоа, во овој случај не можам ниту да потврдам, ниту да демантирам.
Советникот за национална безбедност на САД, Мајк Волц, исто така, одби да елаборира на прашањето за комуникацијата меѓу двете земји.
„Секако дека се водат многу чувствителни разговори“, рече Валц за NBC News.