Американскиот претседател Доналд Трамп ја назначи водителка на „Фокс њуз“ и поранешна обвинителка од Њујорк, Џанин Пиро, за привремена обвинителка на САД за Вашингтон.
Објавата доаѓа откако Трамп го повлече својот прв избор за работата откако ја изгуби клучната поддршка на републиканците во Сенатот, кој гласа за вакви позиции.
По поразот на Трамп во 2020 година од Џо Бајден, Пиро даде лажни изјави за изборите, кои беа дел од тужбата против „Фокс њуз“ од страна на компанија што произведува машини за гласање. Случајот беше решен за повеќе од 787 милиони долари (594 милиони фунти).
Трамп ja нарече Пиро „моќен крстоносец за жртвите на криминалот“ во објава на социјалните мрежи во која го објави својот избор.
Претседателот не посочи дали Пиро, 73, ќе служи трајно на функцијата, за која е потребна потврда од Сенатот, ниту колку долго ќе трае нејзиниот мандат.
Во објавата на Truth Social во четвртокот вечерта, Трамп истакна дека таа претходно работела како републикански окружен обвинител во Вестчестер, Њујорк, како и како судија. Тој, исто така, ги пофали нејзините улоги во разни емисии на Fox News, кои ги нарече „една од највисоко рангираните емисии на телевизија“.
Пиро е близок сојузник на Трамп со децении. Во една од неговите последни постапки за време на неговиот прв мандат, Трамп издаде помилување на нејзиниот сопруг, кој беше осуден за даночно затајување децении претходно.
Пиро го заменува сегашниот привремен американски обвинител Ед Мартин, поранешен конзервативен подкастер што Трамп го назначи овој јануари.