Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на денешната 12. седница го усвоил Извештајот од извршениот попис на имотот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.
Како што соопштуваат од ПИОМ, на седницата директорот на Фондот, Никола Мемов ги информирал членовите на Одборот за преземените активности посочувајќи дека е извршена редовна исплата на пензијата за јануари.
Од ПИОМ додаваат дека Мемов, исто така, соопштил дека е добиена согласност од Министерството финансии за ангажирање по договор на пет доктори специјалисти во Комисијата за оцена на работната способност при Фондот, нагласувајќи дека со тоа ќе се овозможи побрзо решавање на предметите, а со тоа и побрзо остварување на правата по тој основ.
Претседателката на Управниот одбор Јасмина Вукиќевиќ, како што се наведува во соопштението, истакнала дека од извештајот се гледа оти е извршена обемна работа и тој ја отсликува состојбата во Фондот.
Таа потенцирала дека е добро што овој пат во подготовката на Извештајот за попис биле земени во предвид препораките на Државниот завод за ревизија.
Управниот одбор ја усвоил и Предлог – одлуката за овластување лица за полноважно потпишување и располагање со средствата на жиро – сметките на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија.