Интригите околу номинациите за позиции во највисоките ешалони на власта што новоизбранот претседател на САД, Доналд Трамп, ги раздава на свои блиски соработници, пред се лојалисти, кои во повеќе случаи не се квалификувани за такви позиции, продолжуваат.
Ако на Џо Бајден, претседател во заминување, му требаа речиси два месеца да го состави првиот ешалон од својата администрација, Трамп тоа го прави за помалку од две недели. Американските медиуми јавуваат дека тој е во режим на трескавични телефонски повици со Капитол Хил за сите негови номинации да бидат прифатени. А неговиот тим за транзиција објави дека секакви опструкции за потврдата на овие номинации се „за да се спречи реализацијата на неговиот втор мандат“.
Во Вашингтон, најмногу прашина се подигна со номинацијата на 42 годишниот Мат Гец за главен обвинител на САД, кој има, благоречено, хедонистичко минато на плејбој и љубител на забави. Оваа позиција, која бара потврда од Сенатот, и која истовремено ја покрива и функцијата министер за правда, се смета за една од клучните во извршната власт. Гец се соочува со отпор во Сенатот и од неколку сенатори претставници од својата партија, републиканската, која е мнозинство во горниот дом на Конгресот.
– Во минатото, номинациите главен обвинител биле отфрлани од многу попрозаични причини како тоа дека кандидатот не платил данок при исплата на бебиситерка, ситуацијата со Мат Гец е многу, многу посложена, изјави коментатор за „Си-Би-Ес њуз“.
Откако Трамп го објави неговоит избор за главен обвинител, Гец, кој до викендов беше член на Претставничкиот дом од округ од Флорида, се откажа од мандатот со намера исказите дадени под заклетва кога станал конгресмен, да останат надвор од надлежност на Комитетот за етика, а и со тоа и надвор од јавноста.
Сепак, некои од податоците во тие искази, што може да откријат доста скокотливи детали за негови наводни односи со мелолатнички, се чини протекуваат. „Непозната и неовластена трета страна“ добила пристап до дваесетина сведочења на сведоци поврзани со разни истраги против поранешниот конгресмен Мет Гец од Флорида, објави синоќа „Си-Би-Ес“.
Протечените материјали се дел од граѓански случај за клевета поднесен од Крис Дорворт, лобист кој е близок со Гец. Овие материјали вклучуваат и дадено сведочење под заклетва од малолетничката со која Гец наводно имал сексуален однос. Гец ги негираше овие обвинувања за кои најпрвин објави „Њујорк тајмс“.
Гец беше предмет на истрага од страна на Комитетот за етика на Претставничкиот дом и Министерството за правда, иако федералните обвинители лани одбија да поднесат обвиненија против него. Етичкиот комитет истражуваше обвинувања дека поранешниот конгресмен бил вклучен во сексуално несоодветно однесување и употреба на наркотички средства, меѓу другото.
Објавата на Трамп за Гец како негов избор за државен обвинител дојде само неколку дена пред Комитетот за етика да се состане за да гласа дали да објави потенцијално компромитирачки извештај со резултатите од истрагата за поранешниот конгресмен.
Комитетот ја презакажа средбата за да го разгледува тоа за денеска среда. Спикерот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, предупреди против објавување на извештајот за Гец и изјави дека јурисдикцијата на Комитетот за етика не се однесува на лица кои не се членови на Конгресот.
Некои законодавци, вклучително и од Сенатот, сметаат дека јавноста треба да има пристап до извештајот. Претставничката Сузан Вајлд од Пенсилванија, водечки демократ во Комитетот за етика, изјави дека извештајот на комитетот треба да биде јавно објавен и доставен до Сенатот, по инаугурацијата на Трамп треба да гласа дали да го потврди Гејц за главен обвинител.
Вајлд изјави дека верува дека комитетот треба да гласа за тоа дали да го објави извештајот и проценува дека има едногласна поддршка од демократите во Комитетот за етика за тоа. Но, за извештајот да биде објавен, потребна е поддршка од мнозинството во панелот, што значи дека барем еден републиканец треба да им се придружи на своите демократски колеги во гласањето зада имаат американските граѓани пристап до него.
Комитетот за етика на Претставничкиот дом започна истрага за наводите за недолично однесување на Гец во април 2021 година, но ја одложи својата работа на барање на Министерството за правда. Истражувањето продолжи во мај 2023 година, откако федералните истражители одбија да поднесат обвиненија против Гејц по истрагата за трговија со луѓе и опструкција на правдата.
Во јуни, Комитетот за етика изјави дека „одредени обвинувања заслужуваат понатамошна ревизија“, откако издаде повеќе од дваесетина судски покани и разговараше со повеќе од десетина сведоци. Панелот изјави дека истражува тврдења дека Гец бил вклучен во сексуално несоодветно однесување и употреба на недозволени дроги, прифатил несоодветни подароци, давал „посебни привилегии и услуги“ на луѓе блиски до него и се обидел да ги попречи владините истраги за неговото однесување.
Поранешниот конгресмен ги негира сите обвинувања и ја нарече истрагата на комитетот „клевета“. Алекс Фајфер, портпарол на транзициониот тим на Трамп, изјави во понеделник дека „Мет Гец ќе биде следниот главен обвинител. Тој е вистинскиот човек за оваа работа кој ќе ја оконча злоупотребата на нашиот правен систем. Ова се неосновани обвинувања наменети да го спречат вториот мандат на Трамп.“
Џоел Лепард, адвокат на две жени кои сведочеле пред Комитетот за етика изјави дека тие сведочеле дека Гец директно и повеќепати им плаќал за секс, и дека панелот има копии од трансакциите преку системот за инстант трансфер на пари Venmo користен за исплата за овие средби.
Адвокатот рече дека жените им кажале на истражителите на Претставничкиот дом дека Гец преку текстуални пораки прашувал за „подароци за забава“ и „витамини“ на претстојните забави, што било разбрано како код за дроги. Една од клиентките на Лепард пред Комитетот за етика сведочела дека го видела Гец како извршува полов акт со 17-годишно девојче покрај маса за игри за време на забава во јули 2017 година, неколку месеци по неговото полагање заклетва како член на Конгресот.
Гец, Пит Хегсет, номинииран од Трамп за министер за одбрана, и новозибраниот потпретседател Џеј Ди Венс, денеска се на Капитол хил на средби за убедување на републиканските конгресмени дека нивните номинации не се спорни. Републиканците имаат мнозинство и во Претставничкиот дом.
Зад номинацијата на Гец застана и Илон Макс, милијардерот кој летоска стана стана еден од најголемите финансиери на кампањата на Трамп и негов близок соработник.
Борис Камчев од Вашингтон, специјално за Рацин.мк