Трамп: „Никој во светот не може да го запре Путин – освен мене“, „Ако сакаат кредибилитет, ќе ми ја дадат Нобеловата награда“

Нема личност на светот освен мене што може да го запре Владимир Путин. Мислам дека ќе можам да го запрам“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за порталот OutKick, кој е во сопственост на Fox Corporation.

Новинарот Клеј Тревис му постави на Трамп прилично сугестивни прашања како на пример „Путин не ја нападна Украина додека беше претседател, дали мислиш дека ќе бидеш фаворит за Нобеловата награда за мир ако ја завршиш војната? Зарем веќе не би ти ја дале наградата кога би бил демократ?“.

На второто прашање Трамп одговори:

„Мислам дека Норвешка ја доделува Нобеловата награда. Но, знаете, никој не ни знае за што се работи. Знам само дека Обама ја доби без причина, не ни знаеше зошто. Тој стана претседател и потоа му ја дадоа Нобеловата награда. Тој не направи ништо“.

„Но, ако сакаат, ако сакаат да имаат кредибилитет, ќе ми ја дадат. Мислевме дека веќе сме ја добиле за три или четири различни работи“.

Кога станува збор за Путин, Трамп посочи дека руската воена акција во Грузија се случи додека Џорџ Буш беше во Белата куќа, анексијата на Крим беше за време на мандатот на Обама, а инвазијата на Украина беше за време на мандатот на Џо Бајден.

„Путин не нападна ништо додека бев претседател. Ние двајца имавме многу рационални дискусии и само сакам да видам дека луѓето престануваат да се убиваат. „2.500 деца умираат таму секоја недела, некои Руси и некои Украинци“, рече тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен