Трамп сака да ја намали цената на нафтата, тоа ќе биде колапс за половина од индустријата

Цените на нафтата во САД паднаа за 12% откако Трамп минатата недела го најави „денот на ослободувањето“ и новите царини.

Американските производители на нафта од шкрилци се соочуваат со најлошата криза во последните години, предупредуваат раководителите на индустријата, откако остриот пад на цените на суровата нафта, предизвикан од трговската војна што ја започна американскиот претседател Доналд Трамп, ги доведе многу од нив на работ на колапс.

Тоа ги спушти цените под нивото што многу производители од Тексас го сметаат за неопходно за остварување профит, зголемувајќи ги стравувањата дека индустријата би можела да биде принудена да ги затвори бунарите, објавува „Фајненшл тајмс“.

Неодамнешната одлука на земјите-членки на ОПЕК да го зголемат производството на нафта, исто така, предизвикува дополнителна тревога. Претставниците на американската нафтена индустрија стравуваат од повторување на сценариото за време на пандемијата на коронавирусот, кога падот на цените предизвика бран банкроти во секторот за шкрилци. Во тоа време, пазарите беа погодени и од двоен удар, опаѓање на побарувачката и вишок на понуда.

Експертите истакнуваат дека трговската војна создала општ хаос и дека постои растечки ризик инвеститорите да почнат да бегаат од енергетскиот сектор. Според нивната проценка, Трамп наводно сака да ја намали цената на нафтата на 50 долари за барел, што би значело дека половина од компаниите во индустријата нема да можат да преживеат. Ова би довело до бран спојувања, каде што посилните компании би ги преземале послабите.

Падот на цените на нафтата во последните денови беше драматичен и следеше по силните шокови на глобалните берзи, предизвикани од одлуката на Трамп да започне глобална трговска војна. Иако американскиот претседател во среда објави олеснување на најстрогите царини, по што берзите нагло пораснаа, цените на нафтата се уште се далеку под годишните максимуми и длабоко во опасната зона за многу производители.

Аналитичарите предупредуваат дека инсистирањето на Трамп на царини врз Кина, најголемиот увозник на нафта во светот, продолжува да фрла сенка врз глобалната побарувачка за сурова нафта. Доколку цените паднат под 60 долари за барел, многу американски производители нема да можат да остварат профит, особено оние во постарите нафтени басени на земјата. Тоа би можело да ги принуди да престанат со дупчење, да повлечат опрема и да отпуштат работници.

Според анализата на „Ристад енерџи“, многу производители на нафта од шкрилци имаат точка на рентабилност од 62 долари за барел (WTI), кога се вклучени отплатата на долгот и исплатата на дивиденда. Цената на американската нафта WTI падна на 62,18 долари за барел во четврток, додека суровата нафта од типот Брент се тргуваше по 65,18 долари за барел.

Зачлени се на нашиот е-билтен