Американскиот претседател Доналд Трамп изрази надеж дека овонеделните разговори меѓу украинската и американската делегација во Саудиска Арабија ќе доведат до „некои многу добри резултати“.
Трамп го кажа тоа додека зборуваше со новинарите во претседателскиот авион „Ер форс уан“ (Air Force One), пренесува Укринформ, повикувајќи се на „Форбс“.
„Мислам дека ќе имаме добар резултат во Саудиска Арабија. […] Мислам дека некои многу големи работи може да се случат оваа недела“, рече Трамп.
Тој, исто така, изрази уверување дека Украина ќе потпише договор за минерали со САД.
Во исто време, Трамп ја повтори потребата да се стави крај на руско-украинската војна, тврдејќи дека ниту Украина ниту Русија немаат карти за преговори.
„Велам дека тие [Украина] ги немаат картите. Никој навистина ги нема картите. Русија ги нема картите. Она што треба да направите е да се договорите и да го запрете убивањето. Тоа е бесмислена војна и ние ќе ја прекинеме“, рече Трамп.