Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска, денеска од македонското Собрание ја обвини власта дека не се грижи за животниот стандард на граѓаните бидејќи тој е на дното. ‘Цените растат, а платите тапкаат во место. Власта одбива да ги покачи платите и работниците ги држи со најниски плати во регионот’, вели Тренчевска.
Таа потсети дека потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари, и дека од лание е зголемелнлал за 100 евра, за што не се доволни ниту две минимални плати за да се покријат основните месечни трошоци на едно семејство.
„И наместо покачување на платите, покачување на минималната плата и грижа за стандардот на народот, власта ги турка погрешните политики на ДПМНЕ. За прв пат, минималната плата е договорена без социјален дијалог, без учество на синдикатите. Резултатот? Покачување од срамни 1.800 денари, далеку од потребното и далеку од она што го заслужуваат работниците. Истовремено, власта не го почитува ниту општиот Колективен договор – не ги зголемува платите во јавниот сектор за предвидените 12,5%. Додека народот се дави во сметки и трошоци, ДПМНЕ троши за папаја, манго, рејтинзи и медиумски мониторинг“, вели Тренчевска.
Според неа за само девет месеци, владата на Мицкокски покажала што ѝ е важно – не работниците, туку бизнис интересите и личниот Пи-Ар.
Таа порача дека СДСМ нема да отстапи и дека ќе продолжи да се бори за поголеми плати за работниците.
„На денешната собраниска седница е Законот за ослободување од плаќање придонеси за зголемени плати поднесен од СДСМ. Со оваа мерка: Платите може да се зголемат од 3.000 до 15.000 денари, Компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за зголемениот дел, 400.000 работници со плата до 65.380 денари ќе добијат повисоки примања“, рече Тренчевска.
Тренечвска вели дека ова е ударна економска мерка за поголеми плати – за работниците, за стопанството, за економијата! Оттука ги повика сите пратеници кои се на страната на граѓаните, на страната на работниците, да гласаат и да го поддржат ова законско решение!
‘Платите мора да растат. Ова не е само економија – ова е борба за работничко достоинство, сигурност и подобар живот’, порача Тренчевска.