Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната расправа за ребалансот на буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, рече дека власа, наместо да понуди реални решенија, повисоки плати и грижа за најранливите, со предложениот ребаланс не нуди ништо и претставува уште еден доказ за целосниот неуспех на економската политика на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа посочи дека со овој ребаланс нема пари за работниците, за повисоки плати во образованието и здравството, ниту за повредените во Кочани. Нема мерки за заштита на животниот стандард, ниту намалување на цените. Власта кратки од граѓаните за да се луксузира, а пред избори се обидува да ги измами.
„Со ребалансот се крати 86 милиони денари од програмите за детска и социјална заштита, а цела година нема ниту едно покачување на правата за овие категории. Средствата што се предвидени не се доволни ни за тековните исплати, а камоли за зголемувања. Година дена се на власт и нема никакво покачување на правата од детска и социјална заштита. За најранливите – нема ништо, иако цените растат секојдневно . Тука се и личните асистенти и негувателите кои не добиле надоместок од април. Денес е 3 јули, и нема да земат пари додека не помине ребалансот. За социјалните услуги имаше премалку средства во основниот буџет – затоа сега се доцни со исплати“, рече Тренчевска.
Таа ја информираше јавноста дека инвалидските организации веќе шест месеци се оставени без денар, и дека во 2025 година, заштитните друштва исто така нема да добијат средства, бидејќи предвидените 242 милиони денари не се доволни ни за долговите од 2024 година.
„За борба против семејното насилство нема предвидено ништо – ниту една програма, иако министерот Тошковски призна дека бројките на семејни насилства растат. Се фалат со градинки, а немаат отпочнато ниту една. Пред избори ставаат средства на општински ставки со нула реализација – чист популизам и маркетинг“, рече Тренчевска.
Таа оцени дека ребалансот е популистички, краткорочен и социјално штетен, без визија и развојна компонента.
Како одговор, пратеничката група на СДСМ поднесе 160 амандмани со конкретни предлози:
• Финансиска поддршка за семејствата на настраданите во Кочани;
• Реновирање на болницата во Кочани;
• Бесплатен превоз за ученици од рурални средини;
• Зголемување на надоместоците за детска и социјална заштита;
• Поголема поддршка за инвалидските и граѓанските организации;
• Исплата на сите заостанати долгови кон заштитните друштва.
„Овие амандмани се реални, одговорни и има простор за нив во буџетот. Но, мора да престане расипништвото на функционерите. Државните пари не смеат да се трошат за нивен луксуз, додека најранливите граѓани се заборавени“, заклучи Тренчевска.