На вториот ден од денешната дебата на Комисијата за финансирање и буџет,л пратеничката на СДСМ Јованка Трнчевска, рече дека нема да донесе подобар животен стандард на граѓаните и економски развој на државата. Според неа, буџетот е предизборен.
„Буџет со кој што се предвидува нереален раст на БДП од 3,7 отсто наспроти на проекциите на Светска банка од 2,5 отсто, Народна банка 3,3 отсто. Зошто е нереален раст покажуваат и голем број на експерти економисти кои што дадоа оценка на предлог-буџетот и на проекциите на Владата. И очигледно што 2025-та година е година кога ќе се одржат локалните избори има влијание на една ваква проекција која со право ја сметаме за предизборна. Имаме буџет која покажува дека фискалната политика нема компас. Македонија е единствена земја во регионот која не прави во 2024 година и не планира во 2025 година фискална консолидација. Имаме буџет со кој се повеќе се зголемува јавниот долг. Имаме буџет кој единствено ги задоволува потребите на 24 министри и нивните кабинети, меѓутоа не и на граѓаните, рече Тренчевска.
Според Тренчевска, Владата на Мицкоски, со овој Предлог-буџет најмногу крати кај социјално ранливата категорија граѓани.
„Крати кај социјалните услуги, кај трансферот на националните сојузи на инвалидските организации, кај лицата со попреченост и кај услугите кои се насочени кон нив. Крати кај сите граѓани а најчесто граѓанки кои се вклучени како негувателки кај давателите на социјалните услуги. Владата крати кај активностите насочени кон борба со насилството врз жените и семејното насилство. Во буџетот нема пари за зголемување на минималната плата. Нема пари за спроведување на обврските од Општиот колективен договор за јавниот сектор. Нема слух за синдикатите. Нема слух за работниците. Нема намера да се реализира новата Методологија за пресметка на платите во јавниот сектор од март 2025 година“, рече пратеничката на СДСМ.
Комисиската расправа за Предлог-буџетот трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница. За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.
Со Предлог-буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.