После една година посветеност и учење, учениците во основните и средните училишта ја одбележаа завршницата на учебната 2024/2025 година. Основците се радуваат на среќно лето исполнето со авантури. Средношколците, пак, освен славје и атмосфера на збогување со наставниците и другарите, се подготвуваат и за важните државни испити и понатамошно образование.
Во изминатата деценија, бројот на ученици драстично се намалува: основците за 5 %, средношколците дури за 20 %. Падот е резултат на пад на наталитетот, миграции, демографски промени и слични фактори. И покрај тоа, 2024/2025 година заврши без драматичен раст, со минимални промени во однос на претходната, но подолгиот тренд на намалување останува. Според Државниот завод за статистика се бележат следниве трендови:
- Основно образование (вкупни бројки): 180 627 ученици, имаше пад од 0,8 % во однос на претходната година
- Средно образование (вкупни бројки): 67 143 ученици, пад од 0,2 %
Тренд за последните 10 години:
- Вкупно се изгубени околу 27 000 ученици во основни и средни училишта
- Во основно образование: намалување од околу 10 000 ученици, или околу ‑5 %
- Во средно образование: пад од 17 000 ученици, односно ‑20 %
Дополнително, од 2010 до денес основците се намалени за над 19 000, а средношколците за околу 25 000
Бројките укажуваат на драматично намалување на бројот на основци и средношколци – особено затоа што цели семејства со мали деца си заминуваат. Младите продолжуваат образованието надвор од државава, а повеќе од половина од овие брјоки се ученици кои трајно се иселуваат, најчесто во западно европските држави. Демографскиот пад и одлив на млади, ќе продолжи да создава тектонски промени во образовниот систем и потребите за наставен кадар а државата продолжува напред без јасна стратегија како да ја спречи оваа појава.