„Го запревме транзитот на руски гас. Ова е историски настан“, изјави министерот за енергетика Герман Галушченко. Изјавата на киевското Министерство за енергетика уследи по истекот на петгодишниот договор меѓу Гаспром и украински Нафтогас.
„Русија ги губи своите пазари, ќе претрпи финансиски загуби. Европа веќе донесе одлука да се откаже од рускиот гас“, рече тој.
Рускиот енергетски гигант Гаспром соопшти дека извозот на гас преку Украина во Европа е прекинат во 8 часот наутро по московско време, бидејќи истече договорот за транзит.
Украина соопшти дека транзитот на руски природен гас низ нејзина територија е суспендиран од 7 часот наутро по локално време, поради
„националната безбедност“.
Затворањето на најстарата руска рута за гас за Европа стави крај на една деценија на тензични односи предизвикани од руското заземање на Крим во 2014 година. Украина престана да купува руски гас следната година. Запирањето на протокот на гас се очекуваше поради војната, која започна во февруари 2022 година. Украина беше категорична дека нема да го продолжи договорот. Транзитот на гас преку Украина сочинуваше приближно половина од вкупниот извоз на гас на Русија преку цевководи до Европа.
Русија сè уште извезува гас преку гасоводот „Турски тек“ на дното на Црното Море. Турски тек има две линии – едната за турскиот пазар, а другата за снабдување на потрошувачите во Централна Европа, вклучувајќи ги Унгарија и Србија.
Европската унија ги удвои напорите за намалување на зависноста од руската енергија по избувнувањето на воениот конфликт во Украина во 2022 година, барајќи алтернативни извори. Останатите купувачи на руски гас преку Украина, како Словачка и Австрија, исто така се договорија за алтернативни испораки. Во декември Австрија одлучи да го раскине долгорочниот договор со Гаспром, Словачка му се закани на Киев со одмазда, според написите во медиумите.