Украина ослободи заробени руски војници под 25 години

 Руското Министерство за одбрана соопшти дека денеска од Украина е вратена првата група заробени млади војници под 25 години.

Во соопштението од руското МО се наведува и дека Русија на Украина и вратила сличен број воени заробеници.

– Првата група руски војници под 25 години беше вратена од територијата контролирана од режимот во Киев. Тие се во Белорусија, каде што ја добиваат целата потребна помош, наведе руското Министерство за одбрана.

Размената е извршена во согласност со договорот постигнат за време на втората рунда директни преговори помеѓу Русија и Украина во Истанбул на почетокот на месецот.

Според договорот, двете страни се обврзаа да разменат најмалку 1.000 воени заробеници, со посебен акцент на сериозно повредените и млади војници. Исто така, беше договорено да се разменат останките на 6.000 загинати војници од двете страни.

И покрај овој хуманитарен напредок, преговорите за прекин на огнот се во застој.

Претходно, Украина го потврди враќањето на првата група воени заробеници од Русија, меѓу кои има тешко повредени војници и лица помлади од 25 години.

Зачлени се на нашиот е-билтен