Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да објави нацрт-договор со САД за ретки метали, истакнувајќи дека засега овој документ „не е јасен“.
„Документот не беше многу јасен, беше јасен само во едно – мора да обезбедиме 50 отсто од се што е наведено во документот. Патем, не се плашиме од тоа и подготвен сум овој документ да биде јавно објавен. Мислам дека тоа нема да помогне во нашите односи. Ги почитувам САД и затоа му кажав на американскиот министер за финансии дека овој документ не е подготвен“, рече Зеленски во разговор со новинарите.
Зеленски изјави дека нацрт-договорот „не содржи ниту еден збор за безбедносните гаранции“, додавајќи дека „овој документ бара значителна ревизија“.
Украинските медиуми јавуваат дека условите на нацрт-договорот за пристап до украинските минерали во вредност од 500 милијарди долари, предложени од САД на Украина, се слични на оние наметнати на агресорска држава која претрпе пораз во војна и се полоши од финансиските санкции наметнати против Германија и Јапонија по нивниот пораз во 1945 година.
Зеленски, исто така, рече дека трошоците за оружје за време на војната изнесувале 320 милијарди долари, од кои 200 милијарди долари биле обезбедени од партнерите.
„Војната не чинеше 320 милијарди, 120 милијарди дојдоа од нас, народот на Украина, даночните обврзници, 200 милијарди дојдоа од САД и ЕУ. Станува збор за оружје“, рече Зеленски во разговор со претставници на медиумите.
Тој истакна дека бројките за воените трошоци во Украина „за жал многу се разликуваат“ од американската страна. Според него, во периодот на целосна инвазија, САД издвоиле 67 милијарди долари за оружје, од кои 31,5 милијарди долари биле директна финансиска помош за буџетот.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно тврдеше дека САД му дале помош на Киев од 350 милијарди долари, додека ЕУ испорачала „само 100 милијарди долари“.
„Но, каде се сите пари што беа дадени? Каде отидоа? Никој никогаш не ги видел извештаите за тоа. Ние даваме стотици милијарди долари. Не гледам никакви извештаи“, посочи Трамп.