Собранието вечерва во рамки на 30. седница со 60 гласа „за“ и девет „против“, го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, по скратена постапка. Според пратениците од СДСМ, овој Закон се носи по скратена постапка само за да се стигнат роковите кои што ги предвидува унгарскиот кредит, и се на ставот дека за ваквите закони потребна е многу поголема дебата. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак, велат дека унгарскиот кредит е пример како Влада која се грижи за граѓаните, постигнува договор со некоја држава.
Пратеникот Фатмир Битиќи во своето обраќање од собраниската говорница, во врска со овој Закон, посочи дека денешната седница стана простор за протнување на измени со кои треба да се санираат низа на институционални слабости, пропусти и грешки, поврзани со реализација на кредитот од Унгарија, кој во образложенито не се споменува.
Според Битиќи, ова е обид Владата на мала врата да изврши импровизации и да ги коригира сопствените пропусти во задолжувањето.
„Прашањето е кој е мотивот за оваа итност? Дали е тоа обид да се сокрие вистинската суштина и последиците од предложените измени? Одговор на овие прашања треба да даде министерката за финансии, која е директно одговорна за управувањето со јавниот долг, но нејзиниот избор е да се сокрие зад пратениците. Се изнаслушавме за историски најниска камата, но реалноста е поинаква. Таа не функционира. Не постои институционален капацитет за нивно ефектуирање, ниту кон стопанството, ниту кон кој било друг. Постои само капацитет за ефектуирање провизии“, рече Битиќи.
Тој додаде дека со овие измени се предвидува создавање на можност дел од долговите на јавните претпријатија кои се проценуваат на околу 1 милијарда евра да се покријат со нерелаизирани средства од унгарскиот кредит.