Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

УНИЦЕФ: До 2050 година благосостојбата на децата ќе биде загрозена

Демографските промени, влошувањето на климатските промени и брзата технолошка трансформација се ризик фактори кои можат да се случат до средината на 21 век и да создадат мрачна иднина за младите луѓе. Во годишниот извештај на УНИЦЕФ се наведува и дека до загрозување на детската благостостојба ќе дојде до 2050 година.

„Децата доживуваат огромен број кризи, од климатски шокови до опасности на интернет, и тие ќе се интензивираат во наредните години“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, по повод објавувањето на годишниот извештај на агенцијата. 

Според неа „Деценискиот напредок, особено за девојчињата, се изложени на ризик“. 

УНИЦЕФ во годинешниот извештај ја предвидува иднината до 2050 година. Според Организацијата за заштита на правата надецата, доколку креаторите на политиките не преземат дејствија, покрај непредвидливите конфликти има уште три „главни трендови“ на закани за децата.

Првиот ризик е поврзан со демографските промени, бидејќи се очекува бројот на деца да остане сличен на сегашните 2,3 милијарди, но тие ќе претставуваат помал дел од поголемата и старечка глобална популација од околу 10 милијарди луѓе. Иако уделот на децата ќе се намали во сите региони, нивниот број ќе се зголеми во некои од најсиромашните области, особено во субсахарска Африка. Ова нуди потенцијал за поттикнување на економскиот раст, но само доколку новото младо население има пристап до квалитетно образование, здравствена заштита и работни места, забележува УНИЦЕФ. Во некои развиени земји, децата може да сочинуваат помалку од 10% од населението до 2050 година, што предизвикува загриженост за нивната „видливост“ и права во општествата кои стареат. 

Втората закана се климатските промени. Ако продолжат сегашните трендови во емисиите на стакленички гасови, до 2050 година децата ќе се соочат со осум пати повеќе топлина отколку во 2000 година, три пати повеќе екстремни поплави и 1,7 пати повеќе шумски пожари, предвидува УНИЦЕФ. Новите технологии, особено вештачката интелигенција, имаат потенцијал да поттикнат нови иновации и напредок, но исто така можат да ги продлабочат постоечките нееднаквости меѓу богатите и сиромашните земји. Приближно 95% од луѓето во развиените земји имаат пристап до интернет, додека во најнеразвиените земји овој удел е само 26%, често поради недостаток на електрична енергија, поврзување или уреди. „Неуспехот да се отстранат бариерите за децата во овие земји, особено за оние кои живеат во најсиромашните домаќинства, значи да се дозволи на веќе обесправената генерација да заостане уште повеќе“, според УНИЦЕФ. 

И третата закана е поврзувањето, кое исто така носи ризици. Неконтролираното ширење на новите технологии претставува закана за децата и нивните лични податоци, што ги прави ранливи на онлајн предатори. 

„Децата на иднината се соочуваат со многу ризици, но она што сакавме да го покажеме е дека решенијата се во рацете на денешните носители на одлуки“, изјави за АФП, заменик директор за истражување на УНИЦЕФ, Сесил Аптел.

Зачлени се на нашиот е-билтен