Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Урсула фон дер Лајен и Туск: Шверцерите, Лукашенко и Путин нема да одлучуваат кој ќе влезе во Европа

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска во Гдањск изјави дека Европската унија ќе го почитува тоа што Полска одбива да се придржува до усвоениот Пакт за миграција и одбива да прифати мигранти според квоти, бидејќи Брисел има разбирање дека на полската граница со Белорусија и Русија со ЕУ не се работи за класична миграција туку хибриден напад на тие две земји врз ЕУ.

– На источната граница не се работи за класична миграција. Тоа е хибриден напад, инструментализација на миграцијата од страна на Белорусија и Русија. Тука ЕУ стои солидарна со Полска, Финска, Летонија. Ние Европејците одлучуваме кој ќе дојде кај нас и под кои услови, а не трговците со луѓе, не Лукашенко и Путин, рече Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск.

Туск на новинарите по состанокот со европските комесари и претседателката на ЕК во балтичкото пристаниште изјави дека на дводневниот состанок не разговарале за европскиот Пакт за миграција, но повтори дека Полска едноставно одбива да се придржува кон оние одредби кои се однесуваат на преместување на бегалци кои веќе се во ЕУ.

– Пактот за миграција има многу мерки кои навистина ги штитат јужните членки на ЕУ или регулативи за враќање на мигрантите во нивните земји на потекло. Полска ќе ги почитува сите овие механизми. Механизмот за релокација не е механизам кој ја брани Европа од илегалната миграција. Полска нема да прифати никаков товар поврзан со релокации. Полска нема да го реализира тоа. Точка, крај, рече Туск.

Полскиот премиер предупреди дека неговата земја е во посебна ситуација, бидејќи примила голем број украински воени бегалци и истовремено е под голем притисок од белорускиот и рускиот режим, кои, како што рече, ја претвориле миграцијата во свое оружје во хибридната војна против Полска и ЕУ.

Во однос на повторното воведување на граничните контроли во рамките на Шенген зоната поради илегалната миграција, претседателката на ЕК рече дека подобрата заштита на надворешните граници на ЕУ ја намалува потребата земјите да воведат гранични контроли со своите соседи во рамките на ЕУ.

– Се подобро се водат разговорите за враќање со земјите од каде потекнуваат мигрантите. Тоа е сигнал и за мигрантите дека е подобро да дојдат легално. Не барајте патишта до Европа преку шверцери. Ризикувате, губите пари, а ако ве откријат, сепак ќе ве вратат назад. Навистина, тоа не е патот, апелираша претседателката на ЕК до мигрантите.

Туск денеска најави дека Полска се подготвува да воведе контрола на границите со Словачка.

– Повремено може да се разбере контролата на внатрешните граници, кога соседната земја не може да се справи со илегалната миграција дома. Неодамна, бројот на илегални преминувања од Словачка се зголеми. Во Полска, успеавме да ја намалиме миграцијата за 80 отсто благодарение на инвестициите во Источниот штит. Како крајна мерка, ако нема друга, ќе воведеме контроли на границите со Словачка, рече Туск.

Полскиот премиер најави и дека Полска наскоро ќе усвои план за забрзување на депортацијата на странците и бегалците кои го злоупотребуваат полското гостопримство со кршење на законите и вклучување во криминални активности.

– Побарав од Министерството за внатрешни работи и администрација и Министерството за правда да презентираат план за итна реакција на криминалот извршен од странци. Секој кој е гостин во Полска и брутално ги прекршува законите ќе биде депортиран од Полска. Во последно време имавме многу примери на толерирање на такво однесување што носи многу лоши последици, рече Туск.

Зачлени се на нашиот е-билтен