Уставниот суд денеска треба да одлучи по иницијатива за Изборниот законик со која се оспорени членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.
Подносителите на Иницијативата за Изборниот законик сметаат дека со оспорените членови се прави измена на членовите 61 и 62 од Изборниот законик , кои се однесуваат на условите за поднесување листи на независни кандидати за пратеници, како и за членови на совети и градоначалници. Се тврди дека е драстично подигнат прагот за поднесување на независни граѓански листи на изобри на 1 % од гласачкото тело, што според нив предизвикува нееднаква положба на граѓаните при здружување во иницијативни групи за поднесување на независни листи за учество на изборите. Се наведува дека овие измени создале нееднаквост на граѓаните и дискриминација во корист на партиите, имајќи предвид дека секоја партија која исто така претставува група граѓани, може да поднесе листи со кандидати, а е регистрирана со 1000 гласачи. Дополнително, според подносителите, спорно е што измените се донесени во нетранспарентна и скратена постапка, без претходни консултации и јавна расправа.
Покрај ова, на денешната седница уставните судии ќе дискутираат и за оспорениот член 4 став 3 во делот „поради судска ненадлежност“ од Законот за медијација.
Подносителот на иницијативата ја оспорува одредбата од Законот во која е уредено дека во случај на поднесена тужба до надлежниот суд, без приложен доказ од медијатор за сторен обид за решавање на спорот со медијација, постои основ за отфрлање на тужбата поради судска ненадлежност. Подносителот наведува дека со оваа правна норма се остава простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските, затоа што тужбата може да биде оценета како „преуранета“ или „неуредна“ и од тие причини да биде отфрлена, а не и дека „постои судска ненадлежност“. Се наведува дека медијаторот не го решава спорниот однос и нема улога на суд и поднесувањето тужба „до надлежниот суд“ во вакви случаи не може да се отфрли „поради судска ненадлежност“ бидејќи судската ненадлежност не е доведена во прашање.
На дневниот ред од денешната седница закажана за во 9:30 часот се предвидени и осум други иницијативи за оценување на уставност/законитост и три барања за заштита на слободи и права.
На денешниот дневен ред е и иницијативата во која е оспорен член 140 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување во делот „ако барањето е поднесено во рок од шест месеци од денот на исполнувањето на условите, а ако барањето е поднесено по истекот на тој рок од поднесувањето на барањето и за шест месеци наназад”.