Во врска со неоснованите обвинувања и клевети упатени на адреса на компанијата, Веледрогеријата „Пановски“ реагираше на грубите обвинувања што во континуитет ВМРО-ДПМНЕ ги упатува кон нив, правдајќи се себеси на тој начин за кризата со билошка терапија на Клиниката за онкологија. Веледрогеријата „Пановски“ упатува отворено писмо во кое се вели:
„Земајќи предвид дека последниот напад доаѓа од пратеник на владејачка партија, истиот го доживуваме и како директна закана, за што ќе ги информираме надлежните меѓународни организации. Особено што тоа го направи на крајно клеветнички и неодговорен начин кон АД „Д-р Пановски“, и без никаков основ нѐ посочува како директен виновник за недостаток на лекови во јавното здравство за најтешко болните пациенти. Ваков говор на омраза е многу опасен преседан за македонските компании, креира правна несигурност што е недозволиво за држава која е полноправен член на НАТО Алијансата и претендент за полноправно членство во ЕУ“.
Добронамерно му порачуваме на г-дин Лефков, пред да ја стави АД „Д-р. Пановски“ повторно во некаков партиски контекст, внимателно да се информира колку јавните здравствени институции имаат заостанати долгови кон нашата компанија за веќе испорачани лекови и во кој период истите долгови се акумулирани.
Правниот тим на АД „Д-р. Пановски веќе презема соодветни дејствија во оваа насока“, стои во реакцијата.