Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура во оставка, Горан Весиќ, денеска изјави дека не е уапсен, туку дека, како што кажа, „доброволно се одзвал на повикот на полицијата“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Дојдовме во Нови Сад и им се ставив на располагање на истражните органи за целосно да се истражат сите околности кои довеле до несреќата во Нови Сад, напиша Весиќ на својот Фејсбук профил.
Тој додаде дека како и досега ќе им стои на располагање на надлежните органи.
-Ќе докажам дека не сносам кривична одговорност за овие трагични настани. Адвокатската канцеларија што ме застапува во овој случај ќе комуницира со јавноста и медиумите за понатамошниот развој на настанот, изјави Весиќ.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад претходно денеска соопшти дека вкупно 11 лица се уапсени и приведени во врска со трагедијата во Нови Сад, кога при падот на настрешницата на железничката станица загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.