Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба од 30 дена на цела територија на државата поради зголемената појава на пожари.
Портпаролката на Владата Марија Митева попладнево на прес-конференција соопшти дека одлуката е донесена врз основа на денешната седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот со кризи.
„Ова на терен значи дека се овозможува интегриран пристап и координирано дејствување на сите надлежни институции – Армијата, полицијата, сите противпожарни единици, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи. Ќе се мобилизираат сите ресурси вклучително и човечки, технички, логистички се со цел да се справиме со пожарите и заштита на населението“, рече Митева.
Владата, како што посочи, ќе обезбеди помош за сите засегнати подрачја со цел спречување на поголеми последици.
Ги повика граѓаните на максимална внимателност и почитување на сите препораки и забрани.