Владата на Република Северна Македонија донела одлука да се изгради втората фаза на жичницата во Скопје, од Капиптец до Средно Водно, со најава дека ова е проект за да може на планината Водно да се стигне без возила.
„Сметаме дека овој проект е важен за градот Скопје. Жичницата секојдневно се користи од голем број домашни и странски гости и затоа сакаме целосно да го поврземе градот со Водно. Во наредниот период ќе се прават анализи односно ќе разгледаме што предвидувал претходниот проект, дали е потребно нешто да се корегира, па ќе излеземе со конечно решение во јавноста“, вели Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Она што не го соопштува актуелната Влада е дали се надминати причините поради кои овој проект во 2019 година, после широка расправа за нејзината оправданост, беше прекинат
Тогаш, во 2029 година, Министерството за транспорт и врски се изјасни дека Владата го задолжила ова министерство да ја прекине постапката за изградба на кабинска еднојажна жичница и тоа: секција 1 -од Црквата „Свети Јован“ до Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле и Секција 2 – од Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле до средно Водно.
Токму истата траса за којашто сега има најава дека ќе биде изградена.
Тогаш, од Министерството за транспорт и врски наведоа дека причината за прекинување на постапката е поради нецелисходност на проектот од аспект на екологија, сообраќајни решенија и променети услови на подрачјето каде треба да се изгради жичницата како инфраструктурен линиски објект.
-Донесен е заклучок на Влада да се прекине постапката за изградба на жичницата. Владата ги задолжи министерствата за транспорт и врски и за животна средина и просторно планирање, како и Градот да ја преиспитаат целисходноста од изградба на втората и третата фаза од жичницата и врз основа на испитувањата Владата го донесе заклучокот.
Од Градот Скопје, тогаш под раководство на Петре Шилегов, посоќија дека постариот проект имал повеќе спорни моменти, како што се трасата на движење со кој се предвидуваше таа да минува над објекти, како и локацијата за тргнување кај Институтот за белодробни заболувања кај деца во Kозле.
Власта на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година најавуваше дека во 2017 година ќе започне реализацијата на проектот за изградба на жичница од средно Водно до Институтот за белодробни заболувања во скопската населба Водно.
Овој проект требаше да биде продолжение на веќе изградената прва фаза од жичницата од Милениумскиот крст до Средно Водно. Планирано беше втората фаза од жичницата да биде долга 1.600 метри и да има вкупно 27 кабини. Нејзината траса требаше да биде од Институтот за белодробни заболувања кај деца – Козле до средно Водно. Проценетата вредност беше 7,4 милиони евра.
Градоначалникот Шилегов сметаше дека е апсурдно на простор каде што се лекуваат деца од белодробни заболувања да се направи почетна станица за жичницата и да се сечат дрва.
Проектот предвидуваше, почетната постојка на жичницата да биде над Црквата „Свети Јован“ во населбата Капиштец, додека кај Институтот била предвидена попатна постојка. Неа би ја користеле првенствено децата кои се лекуваат во оваа здравствена институција.
Една од маните на локацијата над црквата била во тоа што има недоволен паркинг простор. Освен неа, во игра биле и опциите стартната локација да биде кај хотелот „Александар палас“ или зад трговскиот центар „Рамстор“. Но, првата опција отпадна оти била премногу оддалечена од Водно, а втората заради тоа што требаше да минува преку подрачје со голем број на станбени згради и резиденцијални објекти.