ВМРО ДПМНЕ заедно со ВРЕДИ ќе го менува грбот, ќе требаат и гласовите на ДУИ

Откако лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја отвори темата за промена на државниот грб, денеска и високиот партиски функционер, Антонио Милошоски продолжува да ја убедува јавноста дека Македонија треба да има модерен грб, зашто не е убаво да се биде во друштвото на Белорусија, Таџикистан и Анголабиде. Милошоски посочи дека за да биде дел од европското друштво на држави, треба да го смени грбот.

„Ако зборуваме за современи државни обележја, засновани на одредена објективна хералдика, тогаш навистина Македонија не сметам дека би требало да остане во друштво со Белорусија, со Таџикистан и со Ангола. Ова се меѓу ретките земји во светот коишто се уште имаат советска симболика по однос на државните грбови. Сметам дека Македонија има и добро историско наследство, кое може да ги поврзе и АСНОМ, и Илинденскиот период, и претходните периоди на нашата заедничка држава, и тоа да се отслика во еден современ државен грб којшто би бил подобар и би ги одразувал на еден поквалитетен начин определбите на Македонија, и во таа симболика да биде дел од европското друштво на држави“, изјави Милошоски. 

На ова реагираше коалицискот партнер Знам, на чело со Максим Димитриески, кој порача, дека на актуелниот државен грб ништо не му фали.

„Државниот грб таков каков што е во моментов ја отсликува реалноста на современата македонска држава, на македонскиот народ и сите етнички заедници. Факт е дека еднаш имавме можност и го менувавме државниот грб односно ја исфрливме петокраката којашто исто така е неодминлив дел од нашата историја. Ако веќе разговараме за промени на грбот или на државните обележја, мислам дека ќе се отвори една голема дискусија и голема тема. Јас лично сметам дека овој грб којшто државата во моментов го има ги задоволува сите потреби и од историски континуитет и од географски континуитет “, рече Димитриевски, при што додаде дека ЗНАМ досега нема разговарано со никој на оваа тема, иако секој предлог е вреден за разгледување.

Предлогот за промена на грбот прв го отфрли, лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Тој рече дека СДСМ е против промена на државниот грб, бидејќи го носи континуитетот на НОБ. Потсети дека и во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имало предлози на маса за менување на државниот грб во пакет со иницијативи за отворање на оф-шор зони.

„Ние сметаме дека државниот грб сосем соодветно ги отсликува сите хералдиски карактеристики на ова поднебје. Јасен е континуитетот и од придобивките на Народноослободителната и антифашистичка војна, нема никаква поделба во однос на етнички групи. Доколку има таква иницијатива со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб“, рече Филипче и ја повика власта да одговори дали во рамки на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН се разговарало и за промена на државната химна.

За партиите на Албанците во Македонија промената на грбот е прифаткива, но под услов, да се смени и химната и да се изедначи албанскиот јазик со македонскиот. Коалицискиот партнер, првиот вицепремиер Изет Меџити ја обвини ДУИ дека молчи за идеите и предлозите за грбот, бидејќи токму партијата го прифатила партискиот амблем на Никола Груевски пред 10 години. Меџити вели дека со отворањето на уставот за грбот ќе се регулира и прашањето за албанскиот јазик.

„Видете како молчат, не зборуваат кога Мицкоски излегува и вели дека Груевски и Ахмети се договориле грбот да биде со лав. Го прифатиле без никакви услови. Велиме да, зборуваме за грбот, за химната и за албанскиот јазик и крајно време е да се тргне 20 проценти. Албанците не се бројки, не се 20 проценти. Ќе биде албански јазик и службен јазик“, рече Меџити.

Милошоски денеска ги отфрли и сомнежите од јавноста дека ВМРО ДПМНЕ ја отвора темата за промена на грбот само за да ја дефокусира јавноста од високите цени, минималната плата, изолацијата од меѓународната јавност, а рече дека и локалните избори немаат врска.

„Не би го поврзувал со Локалните избори, а во однос на економија се работи на соочување со тие предизвици и привлекување повеќе инвестиции. Но, иницијативата треба да отвори дијалог преку кој би стигнале до консензус во одреден период, без ограничувања дали ќе се случи за три, шест или девет месеци од сега. Добро е да се разговара за оваа тема и таа да биде поткрепена со објективни аргументи“ рече, Милошоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен