Во два одделни случаи лишени од слобода се малолетник, кој палел оган и горел кабли, и скопјанец, кај кого биле пронајдени запалени кабли.
Како што информира МВР, во првиот случај, денеска во 00:05 часот во Скопје на подрачјето на Карпош полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 15-годишник од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Тој бил затекнат од страна на полициски службеници во кругот на фирма на ул.„Скупи“, каде запалил оган и горел кабли. Пожарот е изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита, а со малолетникот е извршен службен разговор, во присуство на неговата маќеа и адвокат. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Во вториот случај, пак, вчера во 16:10 часот на ул.„Лазар Личеновски“ во Скопје полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода И.К.(44) од Скопје. При преглед кај него биле пронајдени запалка, најлонска вреќа во која имало запалени кабли, метални и бакарни предмети.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следи соодветен поднесок.