Тропнаа тапаните, писнаа зурлите на најпознатата балканска свадбарска церемонија „Галичката свадба“

Во Галичник денеска традиционална свадба прават потомокот на старото галичко семејство Филипоски, Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска. Двајцата млади утре ќе ја крунисаат својата љубов во црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“

Во Галичник од утринава почнаа свадбарските обичаи, пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро.

Галичката свадба не поминува без ритуалите, носиите и звуците на зурлите и тапаните, без најубавите македонски ора „Невестинското“ и „Тешкото“ кои ги симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој печалбарски крај.

Ората изведени од Националниот фолклорен ансамбл „Танец“, учесниците на „Галичката свадба“ ќе ги видат на платото пред чешмата Упија. Денеска невестата придружувана од свадбарите ќе оди да наполни вода од чешмата, обичај поврзан сосемејната среќа.

Свадбата продолжува и утре во недела, кога ќе биде денот на венчавката, кој ќе започне со традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, како и карактеристичниот обичај на Галичката свадба – „гледање низ прстен“. По испраќањето на невестата и дарувањето, ќе следува венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.

Годинашните невеста и зет Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски на прес-конференцијата минатата недела истакнаа дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животниот сон.  Јован како потомок на старото галичко семејство рече дека уште од мал  мечтаел да биде зет на Галичката свадба.

„Оваа традиција треба да се негува. Мене ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од моите родители кои секоја година учествуваат и се дел од традицијата. Честа е огромна и се надевам дека што повеќе посетители ќе дојдат и ќе ја видат оваа убава традиција“, изјави Филипоски.

Невестата Михајлоска рече дека честа е голема, но исто така и одговорноста доследно да се пренесе традицијата.

„Огромна чест и задоволство е што сме избрани за невеста и зет, се чувствуваме среќно и гордо. Но, истовремено, голема е одговорноста доследно да се пренесе оваа традиција, веруваме дека сѐ ќе помине во најдобар ред“, рече Михајлоска.

Со оваа традиција Галичник повторно го живее духот на вековната традиција, „Галичка свадба“, симболот на љубовта, културното наследство и обичаите на Македонија, која го обединува домашното население и туристите од целиот свет, кои кои доаѓаат да ја почувствуваат македонската традиција во нејзиниот најавтентичен облик од мијачкот крај. Свадбена церемонија, која е исполнета со обичаи, носии, ора, ја прават единствена на Балканот и пошироко.

Организаторот на манифестацијата е месната заедница „Галичник“. Честитајќи им на годинешните галички младоженци, претседателот, Огнен Караѓозовски неодамна рече:

„Продолжуваме со посветеност да ја чуваме оваа ретка традиција жива. Радува фактот што секоја година се зголемува интересот кај младите генерации да бидат дел од Галичка свадба. Toa за нас претставува најсилен доказ дека обичаите и културното наследство се темел на нашиот идентитет, сегашност и иднина. Благодарни сме на институциите и големиот број компании чија поддршка има пресудно значење за организирањето и одржувањето на атрактивноста на манифестацијата“.

Годинешната „Галичка свадба“ ќе се одвива во три дена, исполнети со богата програма која ја оживува вековната традиција на мијачкиот крај. Започна вчера во амфитеатарот пред чешмата Упија со монодрама во чест на Ѓорѓија Пулевски и 150 години од издавањето на неговиот „Речник на три јазика“ (Тријазичникот), со настап на актерот Рубенс Муратовски. Текст за претставата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е напишан од Миле Бошњаковски и е на автентичен мијачки говор, а режисер на монодрамата е Бојан Трифуновски. За помладите посетители беше организирана и забава.

Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.

За време на одржување на манифестацијата се спроведува посебен сообраќаен режим во селото, апроследен со апел за одговорно однесување, особено во поглед на консумирањето алкохол и грижата за природата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен