Во Газа примирје меѓу Израел и Хамас

По 15 месеци жестоки борби, стапи на сила договорот за примирје меѓу Израел и Хамас, што донесе прекин на огнот во Појасот Газа. Палестинската организација го достави списокот со 33 лица кои по речиси година и половина заложништво, ќе бидат ослободени во наредните недели. Во замена, Израел се согласи да ослободи 2000 палестинци од своите затвори.

Прекинот на огнот беше одложен неколку часа поради доцнењето на Хамас да ги обезбеди имињата на трите заложници кои требаше да бидат ослободени денес. Како дел од договорот, предвидено е и зголемување на хуманитарната помош за Газа.

„Прекинот на огнот се спроведува во знак на посветеност кон нашите браќа и сестри кои се во заробеништво. Сакам да нагласам дека Израел останува посветен на исполнување на своите воени цели, вклучувајќи ги враќањето на сите наши заложници и поразот на Хамас. Оваа војна можеше да заврши одамна ако Хамас го положеше оружјето и ги предаде нашите заложници“, изјави израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар.

Паралелно, илјадници палестински бегалци, раселени поради конфликтот, започнаа да се враќаат во своите домови. Според палестинските медиуми, голем број на луѓе пристигнале во Џабалија, град во северниот дел на Газа, а исто така се забележани и во Рафа и Кан Јунис на југот.

„Среќна сум што се враќам дома, но истовремено сум исплашена, не им верувам на Израелците. Тажна сум поради сите загуби кои ги доживеавме“, изјави Латифа Кашкаш.

„Среќни сме што се враќаме, и покрај големата загуба. Израелците уништија многу, но убеден сум дека повторно ќе ги изградиме нашите домови за идните генерации“, рече Махмуд Авад.

Меѓународни чинители како Катар, САД и Египет ќе го следат спроведувањето на договорот, кој опфаќа три фази, а неговата крајна цел е ослободување на сите заложници и целосно повлекување на израелската војска од Газа. Овој договор предизвика политички потреси во израелската влада, каде министерот за финансии, ултрадесничарот Безалел Смотрич, изрази незадоволство, повикувајќи на повторно заземање на Газа и воспоставување на воена управа.

„Ако владата не се врати на воените операции и не преземе целосна контрола над Појасот Газа, ќе ја соборам владата“, изјави Смотрич.

Конфликтот меѓу Израел и Хамас започна во октомври 2023 година по нападот на Хамас на југот на Израел, при што беа убиени околу 1.200 лица, претежно цивили, а повеќе од 250 луѓе беа земени како заложници. Израел возврати со офанзива во Газа, што резултираше со смрт на повеќе од 44.000 луѓе и раселување на голем број на палестинци. Во текот на војната, Израел ги елиминираше клучните лидери на Хамас и Хезболах, а конфликтот се прошири и во соседен Либан

Зачлени се на нашиот е-билтен