На 31 мај и на 1 јуни по четврти пат во Македонски Брод ќе се одржува адреналинскиот фестивал на отворено „Самоков екстрим“. Фестивалот ќе донесе преку 200 натпреварувачи во планинско пешачење, возење велосипед, квадрицикл и мото трка за сите вљубеници на адреналинските спортови.
„Активностите почнуваат на 31 мај во попладневните часови кога ќе се подигне официјалниот камп на градскиот стадион во Самоков и започнува пробното возење низ патеките во Поречието“, рече Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод на денешната прес-конференција во Прилеп.
Официјалниот дел започнува рано изутрината на 1 јуни кога ќе почнат трките по патеките низ Поречието со што учесниците и ќе се запознаат со убавините и ресурсите што ги нуди овој крај. Ќе има пешачка, велосипедска тура, АТФ возила, трка со џипови и со мотори. Фестивалот нема натпреварувачки карактер.
„Основната цел е да се запознаеме и да уживаме во убавините на Поречието. Воедно Македонски Брод нуди можности за развој на алтернативниот, селскиот, хербалниот туризам“, рече Ристески.
Во попладневните часови на 1 јуни сите учесници ќе имаат заедничко дружење, а на крајот е планирана и голема еколошка акција.
Во меѓувреме е отворена листата за пријавување учесници и се очекува да бидат повеќе од лани. Обезбеден е и превоз до кампот во Самоков.
На настанот се очекуваат сите љубители на природата, сите авантуристи, љубители на Поречието, и на фестивалот „Самоков екстрим.