За да се оствари напредок, корупцијата мора да се искорени. Борбата против корупцијата бара соодветно следење и дополнителни ресурси – финансиски, технички и човечки, за да можат институциите ефективно да ги имплементираат контролните механизми. Ова се дел од пораките од одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 Декември во Собранието.
Во соработка со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во Собранието денеска се одржа панел-дискусијата „Клучни активности и предизвициво градење систем отпорен на корупција/заклучни согледувања и идни препораки“.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, во своето обраќање на настанот, истакна дека корупцијата останува голем предизвик за секое општество и држава и дека е неопходно преземање конкретни мерки.
„Ако корупцијата е болест, транспарентноста е единствениот начин на лекување. Развиваме нови дигитални системи кои ќе ја подобрат отчетноста. Создадовме нов регистар за НВО, платформа која претставува значаен исчекор за формирање и инклузивни политики. Можам да ве уверам дека ќе ја поддржам секоја иницијатива што спречува корупција“, рече претседателот на Собранието.
Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, рече дека заедно имаме моќ да изградиме општество во кое нема место за корупција и каде што секој ќе има еднаква шанса за напредок.
„Од нашата посветеност и дејствување зависи нашата заедничка цел, успешна и одржлива борба против корупција.Борбата против корупција бара обединети сили и уверена сум дека заедно можеме да направиме вистински промени. Клучно за институциите е да работат во тесна соработка, посветеност и меѓуинституционална поддршка. Потребно е да се обединиме и да дејствуваме заедно индиивидуално, институционално и на сите нивоа на власт. Секој од нас има одговорност и моќ да создадеме општество ослободено од корупција“, рече претседателката на ДКСК.
Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман посочи дека во Северна Македонија во текот на годините е постигнат одреден напредок, меѓутоа остануваат значителни чекори кои треба да се воведат.
„Корупцијата е таа која ја еродира довербата во јавните институции и ги подрива демократските процеси и вредности, така што стана моќен инструмент во рацете на оние кои што сакаат да ја загрозат демократијата. Борбата против корупцијата, како и нетолеранцијата на неказнивоста, бара долгорочна политичка заложба, силно водство и политичка храброст да се надминат пречките. Долгорочниот интерес треба да надвладее над краткорочните ситни приватни интереси како и желба граѓаните да бараат повеќе отчетност и казнивост за нештата. Борбата против корупцијата бара и соодветно следење и целосно реформирање за да можат институциите ефективно да ги спроведуваат и применуваат контолните механизми“, додаде амбасадорката Улман.
Заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Наупнау, порача дека унапредувањето на владеење на правото е клучно за развојот и просперитетот на Северна Македонија.
„Корупцијата и понатаму е предизвик во Северна Македонија и длабоко влијае на економијата. Неколку влади повторно ја искажаа својата посветеност кон борбата против корупцијата, меѓутоа, многу малку се менува„, рече Наупнау во своето обраќање денеска во Собранието, повикувајќи на конкретни чекори за промена, рече Наупнау.
Проектот на УСАИД за партнерство против корупцијата и проектот „Заедници со интегритет“ е финасисран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Националниот Демократски Институт, со поддршка на Собранието на Република Северна Македонија.