Во првите 100 дена од својот мандат, американскиот претседател Доналд Трамп се погрижи земјата да биде побезбедна отколку што беше во текот на четирите години од администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден, фокусирајќи се на намалување на имиграцијата, терористичките закани, војните во Украина и Газа и заканите од Кина, изјави денеска американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц.
„Администрацијата на Бајден покани милиони нелегални странци со политика на отворени граници. Меѓутоа, администрацијата на Трамп ја врати контролата“, рече Волц во колумна за „Национален интерес“ по повод 100-те дена од мандатот на Трамп.
Тој истакна дека Трамп ги убедил Мексико и Канада да ги обезбедат своите граници со САД со распоредување на по 10.000 војници, а минатиот месец имало помалку од 7.200 преминувања на југозападната граница, што е најмал месечен број во историјата и пад од 96 проценти во споредба со времето на администрацијата на Бајден.
Волц додаде дека во овој период биле депортирани 45.679 „странски криминалци“, вклучувајќи 1.154 членови на бандите Трен де Арагва и МС-13, кои САД неодамна ги означија како терористички организации, заедно со шест други мексикански картели.
Тој рече дека од инаугурацијата на Трамп на 20 јануари, САД убиле повеќе од седумдесет и осум од најистакнатите џихадистички терористи кои дејствуваат низ Ирак, Сирија и Сомалија, вклучувајќи го и Абу Хадиџа, вториот човек на ИСИС.
Истовремено, САД извршиле повеќе од 800 напади врз јеменските Хути, кои го блокираа преминувањето на товарни бродови поврзани со Израел во Црвеното Море во знак на солидарност со Палестинците во Газа.
Волц истакна дека администрацијата на Трамп цврсто застана на страната на Израел, за разлика од Бајден, и ја забрза продажбата на оружје во вредност од неколку милијарди долари на Израел, додека Вашингтон, исто така, го суспендираше финансирањето на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA).
Советникот рече дека дипломатијата на Трамп ги принуди Русија и Украина да седнат на преговарачка маса, по „години нејасна стратегија на Бајден“.
„Сега и Русија и Украина мора да дејствуваат брзо за да постигнат договор пред претседателот Трамп да го изгуби трпението“, предупреди тој.
Волц истакна дека Трамп е „јасен“ за кинеската закана и дека царинската политика има за цел да се бори против кинеската „измама, кражба на интелектуална сопственост и економска војна против САД“.
„Во согласност со нашиот фокус на западната хемисфера, не можеме да дозволиме Кина да го контролира Панамскиот канал, најважниот воден пат во регионот“, рече тој, додавајќи дека дипломатскиот притисок на САД ја навел Панама да се откаже од учеството во кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“ и да го започне процесот на отстранување на кинеска компанија од контролата врз управувањето со каналот.
„Безбедноста на Американците е бесконечен напор и сè уште има многу работа што треба да се направи. Но, претседателот Трамп ја врати нашата нација кон здравиот разум, кон политиката за национална безбедност ‘Америка на прво место’, а Американците се веќе побезбедни поради тоа“, заклучи Волц.