Матурантите денеска ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е по нивни избор. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), најголем број пријавени има за тестот по англиски јазик (13 457 ученици).
За тестот по математика се пријавиле 1246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 – француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик.
Првиот екстерен испит, задолжителен за сите ученици, мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, се полагаше на 31 мај.
Според податоците на ДИЦ, 9969 матуранти беа пријавени за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за тестот по српски јазик.
Како што соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска два дена по испитот, десетина ученици биле отстранети од полагањето зашто се обиделе да препишуваат од телефон, оценувајќи дека се работи за значајно намален број од претходната година.
-Процесот сѐ уште не е комплетиран, но бројот на ученици што препишувале е значајно намален. Со оглед на тоа колку беа отстранети минатата година, сметам дека има напредок и очекувам секоја година тоа да биде сѐ подобро и подобро, изјави Јаневска.
Поради зајакнатите мерки за контрола, рече, очекува бројот да биде уште помал на полагањето на вториот екстерен испит. Апелираше до тестаторите да „не замижуваат пред неправилности“ и до учениците да не се обидуваат да препишуваат и „да го излажат системот затоа што ризикуваат да изгубат цела година од животот – да влезат на пазарот на трудот или да го продолжат образованието“.