Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Второ гласање во грчкиот Парламент за избор на претседател на Грција

Грчките пратеници претпладнево одново ќе гласаат за претседател на државата, откако во саботата, при првото гласање, ниту еден од четворицата кандидати не го доби потребното двотретински мнозинство, нешто што се очекува да се случи и на денешното второ гласање, јави дописничката на МИА од Атина.

Првпат по над 30 години предложени се четворица кандидати, до неодамна претседателот на Парламентот Константинос Тасулас, како предлог од владејачката Нова демократија, поранешниот министер Тасос Јаницис предложен од ПАСОК, поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК Лука Кацели предлог од СИРИЗА и писателот Костас Кирјаку.

На првото гласање во саботата ниту еден од четворицата кандидати не доби најмалку 200 гласа од вкупно 300 пратеници, со што денеска ќе следи второ на кое повторно ќе биде потребно двотретинско мнозинство.

Тасулас во саботата доби 160 гласа, за Кацели гласаа 40 пратеници, Јаницис доби 34 гласа, за Кирјаку гласаа 14 пратеници, а 49 беа воздржани.

Очекувањето за денеска е дека резултатите би требало да бидат слични, ако не и идентични со првото гласање.

Гласањето е јавно со прозивање на секој од пратениците кои имаат две опции: или да одберат еден од кандидатите или да изјават дека се воздржани.

Зачлени се на нашиот е-билтен