Вучиќ: Ѓуро Мацут мандатар за состав на новата Влада на Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за кандидат за премиер на новата Влада на Србија го предложи професор д-р Ѓуро Мацут.

„На Народното собрание на Република Србија му го предлагам за кандидат за премиер професорот д-р Ѓуро Мацут“, се наведува во одлуката потпишана од претседателот Вучиќ и се додава дека одлуката ќе стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник.

Вучиќ истакна дека Ѓуро Мацут ги поседува потребните професионални и лични квалитети, како и стручност и посветеност да ја извршува функцијата премиер.

„Тој ме увери дека може да обезбеди мнозинство за избор на нова влада“, рече претседателот.

Вучиќ рече дека новата влада ќе биде избрана до Велики петок и дека ѝ претстојат тешки задачи – земјата да се спротивстави на сите притисоци во однос на регионалната политика, земјата да го реши даночното прашање со САД, да го забрза европскиот пат, истовремено да ги зачува традиционалните пријатели на истокот и да го врати нивото на инвестиции, и странски и домашни.

„Голема задача ќе биде новата влада да продолжи да го зачувува мирот, стабилноста, да се однесува толерантно и трпеливо. Владата треба да има јасна посветеност на иднината, а нашата желба и намера е Србија да ја вратиме на победничкиот пиедестал и до крајот на годината да биде најбрзо растечка економија“, рече претседателот на Србија.

Како што наведе, новиот премиер ќе продолжи да ги реализира програмите насочени кон подигање на животниот стандард на граѓаните, како и проекти од областа на здравството, образованието, науката, технологијата, енергетиката, земјоделството, екологијата, туризмот и инфраструктурата. Вучиќ истакна дека новата влада ќе го продолжи европскиот пат на Србија, а истовремено ќе одржува традиционално добри односи со пријателските земји ширум светот.

Тој особено посочи дека една од главните задачи на новата влада ќе биде реализацијата на специјализираната светска изложба ЕКСПО 2027 во Белград, која, како што оцени, ќе претставува основа за нов инвестициски циклус во следниот мандат.

Зачлени се на нашиот е-билтен