Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ги повика граѓаните на државата на мир и упати „апел“ дека „Србија не треба да биде уништена“.
„За жал, оние што не ја сакаат Србија, а ги има некои од нив, ги има некои од надвор, ги има некои во нашата земја, решија да ви го отежнат животот на сите вас. Решија да ве блокираат да одите на работа, да ви го блокираат нормалниот живот, да ве блокираат да се чувствувате слободно во вашата земја“, рече Вучиќ во видео порака на својот Инстаграм профил.
На профилите на студентите кои блокираат високообразовни институции во Србија, синоќа беше објавено дека поради полициска бруталност – денеска, 4 јули – Белград, Нови Сад и Ниш, да бидат целосно блокирани.
Реагирајќи на целосните блокади на градовите Вучиќ рече дека „ги моли да не го прават тоа“.
„Ги молам како обичен човек да разберат дека ова се сериозни кривични дела и се спротивни на Законот за безбедност во сообраќајот, спротивни на уставните норми за слобода на движење„.
Тој додаде дека државата сака да дозволи секаква слобода на собирање и изразување.
„Државата не може и не смее да дозволи ваков вид насилство, бидејќи тогаш повеќе не е држава. Затоа, ве молам, размислете повторно и освестете се уште еднаш. За сите други луѓе, Србија е сериозна и одговорна држава. Исто ќе биде и утре и секој втор ден“, рече Вучиќ.
Министерството за внатрешни работи „ги предупреди сите оние кои имаат намера да организираат нелегални блокади дека полицијата, во согласност со законот и своите должности и овластувања, ќе преземе сите потребни мерки за заштита на јавниот ред и мир“.