По силните реакции од јавноста и по обвинувањата на опозициската СДСМ, дека одлуката на министерот за здравство Арбен Таравари и на ВМРО ДПМНЕ да го затворат целосно КАРИЛ, заради реновирање, го загрозуваат животот на најкритичните пациенти, денеска со соопштение се јави Министерството за здравство. Од таму велат дека реновирањето е важен проект.
„Реновирањето на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) е важен проект кој има за цел да го зголеми капацитетот и квалитетот на услугите кои се нудат на пациентите. Активно се работи на пренасочување на пациентите кои имаат потреба од интензивна нега во други високо специјализирани здравствени установи, како што се ГОБ ,,8 Септември”, Хируршката клиника ,,Св. Наум Охридски” и Клиниката за неврохирургија.“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ денеска посочија дека здравството е во тотален хаос, дека ништо не функционира, нема лекови, нема соодветни услуги и не работат важни центри.
Според опозициската партија со последната скандалозна одлука на министерот Таравари и ДПМНЕ загрозен е животот на најкритичните пациенти.
„Таравари наредил да не се праќаат пациенти на КАРИЛ (Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување) поради реновирање на болницата. Пациентите на кои им е неопходна интензивна нега и најсовремени апарати, на кои животот им зависи од третманот што можат само на КАРИЛ да го обезбедат се оставени сами и без алтернатива. Оваа скандалозна одлука предизвикува сериозна загриженост, во болниците не постојат одделенија за интензивна нега, ниту доволно ресурси за да се третираат животозагрозувачки пациенти. А нема ниту најава за алтернатива ниту пак кога ќе се заврши оваа нивна голгота“, велат во СДСМ.