Германскиот министер за внатрешни работи, Александар Добринт денеска во Берлин, на презентацијата на годишниот извештај за работата на ресорот, изјави дека земјата ќе ја продолжи борбата против десничарскиот екстремизам, , пренесе бриселскиот портал Политико.
Генерално, во извештајот се наведува дека во текот на минатата година во Германија е регистрирано зголемување од 40 отсто на политички мотивираните злосторства во споредба со претходната година, достигнувајќи 84.172.
Германските власти растот и го припишуваат на зголемената радикализација и политичка поларизација во изборната година, вклучувајќи ги и оние во Источна Германија и за Европскиот парламент, како и домашните „несогласувања“ околу војната во Газа.
Злосторствата што им се припишуваат на сторители мотивирани од десничарска идеологија сочинуваат убедливо најголем дел од сите политички мотивирани злосторства.
Политичките злосторства што вклучуваат насилство, исто така, се зголемија, достигнувајќи го највисокото ниво од 2016 година со 4.107 случаи.
Повеќе од едно од четири насилни злосторства се припишуваат на актери со десничарска идеологија, се наведува во извештајот.
Растечката радикализација се одразува и во нападите врз политичарите и активистите, според Холгер Минх, шеф на германската Федерална канцеларија за криминална полиција.
Минатата година беа регистрирани 8.034 вакви кривични дела.
Официјалните лица, исто така, изразија загриженост поради зголемувањето на антисемитските злосторства.
Во 2024 година, регистрирани се 6.236 антисемитски злосторства, што е зголемување од речиси 21 процент во споредба со претходната година, се наведува во извештајот.
Со оглед на „историската одговорност“ на Германија, Добринт рече дека е особено загрижен за наглиот пораст на антисемитските злосторства, од кои половина се припишуваат на актери со десничарско убедување.