Собранието во рамки на денешната работа по дневниот ред на 49-тата седница едногласно со 73 гласа „за“ ги донесе дополнувањата на Законот за работно ангажирање на лица, со кои работно ангажирано лице може да биде лице кое не е во работен однос, вработено лице, самовработено лице, лица помлади од 18 години кои согласно општите прописи од работните односи ги исполнуваат условите за засновање на работен однос, студенти, корисник на семејна и старосна пензија, со исклучок на корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот и странец кој има регулиран престој согласно закон.
Собранието денеска со 59 гласа „за“ и 7 „против“ ја избра Бујаре Абази за комисионер и претседател на Комисијата за хартии од вредност (КХВ).
Собранието како основач денеска им даде овластување на Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ и Универзитетот во Тетово поединечно да склучат колективен договор со нивните синдикати. Без расправа го донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за надворешни работи.
Собранието во рамките на 49-тата седница ја заврши општата расправа за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за дивечот и ловството, за изменување на Законот за фитофармација, за изменување и дополнување на Законот за животната средина, за изменување и дополнување на Законот за основното образование, за изменување и дополнување на Законот за средното образование и за изменување на Законот за високо образование, сите во прво читање, и заклучи дека се прифатливи и да се дадат на натамошно, односно второ читање.